Есмеров: СДСМ прави што сака, дел од функционерите во ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат како „стринки на кафе“

Ако се зголеми нетрпеливоста и недовербата можеме да дојдеме во позиција ВМРО-ДПМНЕ да стане неодржлива партија. Сепак, најголем проблем е губење на идеологијата и вртење кон финансиските придобивки од буџетското финансирање. Вообичаено, ненадминливите разлики се должат на лукративни причини, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР, Игор Есмеров, поранешен амбасадор на земјава во Унгарија во периодот 2014-2018 година и поранешен член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски  не се снашол добро во водењето на партијата, но Есмеров вели дека сепак има високо мислење за него

1298
фото: П. Стојановски

Дали во моментов најголемата опозициска партија е коректор на актуелната власт, она што е основна задача на секоја силна опозиција. Води ли Мицкоски правилна политика?

-Во моментов, СДСМ прави што сака и на последните анкети според нивните извори водат пред ВМРО-ДПМНЕ  со 5.4%, а според извори од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ води со 6,4%. Рејтингот на Заев е дупло поголем од рејтингот на Мицкоски. Ова е резултат на политиките на Мицкоски. Дали се правилни тие политики или не, проценете сами. Ваквата непопуларност на ВМРО-ДПМНЕ кај гласачите се должи на понудата која опозицијата им ја дава. Очигледно е дека понудата на идеи е слаба, неатрактивна и непрепознатлива за мнозинството граѓани.

Што можеше поинаку да се направи со оглед на тесниот резултат на последниве избори со само двајца пратеници разлика?

-Во Македонија преовладуваше мислењето дека оној, кој ќе го промени името на државата ќе се збогува со својата политичка кариера. Сведоци бевме дека Заев го реши ова прашање и граѓаните на избори го верификуваа тоа со двајца пратеници повеќе за СДСМ.  Јас неколку пати повторив. Доколку ВМРО покажеше вештина и храбро излезеше на референдумско изјаснување, а притоа им објаснеше на граѓаните дека шансите да победиме се мали, но постојат, сега ВМРО ќе беше препознатливо и немаше да падне под 450.000 гласа.

фото: П. Стојановски

Какви промени се потребни во партијата за да има силна опозиција?

-Потребна е опозиција која има став, но исто така мора да ја препознае потребата за конструктивно учество во носењето на системските закони, за да не дојдеме во ситуација во која еден системски закон ќе се менува 10 пати во 5 години.

Мора да се поправат односите со меѓународните позиции на ВМРО-ДПМНЕ, кои за жал и сега, од позиција на опозиција се уште секојдневно се рушат. Како пример ќе го дадам официјалниот демант од Чешка и Словачка на тврдењата на ВМРО дека токму ВМРО влијаело врз политичките потези на овие две држави што резултирало со блокада на заклучоците на ЕУ. Се покажа дека тврдењето е лажно и непринципиелно.

Сведоци сме на незадоволство, неколку иницијативи за нов конгрес, може ли после сето ова партијата повторно да се обедини?

Во моментов тоа е можно, но не знаеме дали ќе биде можно доколку оваа агонија продолжи и понатаму. Доколку се зголеми нетрпеливоста и недовербата можеме да дојдеме во позиција да станеме неодржлива партија. Сепак, најголем проблем е губење на идеологијата и вртење кон финансиските придобивки од буџетското финансирање. Вообичаено, ненадминливите разлики се должат на лукративни причини.

Никој во партијата нема храброст да му каже на Мицкоски дека греши

Дополнителен проблем е што одредени личности во ВМРО немаат храброст да му ги посочат грешките на лидерот, вели поранешниот член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Наутро се поклонуваат во зградата на ВМРО, навечер ќе претрчаат во хотелот од спротива на консултации, а во текот на денот кулоарски го критикуваат лидерот, што претставува одличен рецепт за сопствено позиционирање, но тоа позиционирање во распадната партија и не претставува некој грандиозен успех. Се извинувам на изразот ама повеќе ми личат на „стринки на утринско кафе“ отколку на некоја сериозна алтернатива на Мицкоски, вели Есмеров во интервју за весникот ВЕЧЕР.

По што е различна вашата иницијатива за разлика од другите иницијативи за смена на Мицкоски?

 

До овој момент остануваме на укажување за потребата од разговор со Мицкоски за организација на вонреден конгрес и мирна разврска во која би учествувал и тој, бидејќи и во иднина би сакале тој да биде дел од раководството, но дел и од извршната власт.

Ние не мислиме дека Мицкоски е неквалитетен човек. Напротив, јас имам исклучително високо мислење за него, но имам и забелешки кои јавно сум ги кажал. Тоа што не покажа резултати ка Претседател на ВМРО-ДПМНЕ , воопшто не значи дека е лош човек, туку едноставно дека не се снашол доволно добро или можеби ги слушал погрешните совети на своите соработници или можеби направил погрешни проценки.

Доколку тоа не се случи, тогаш ќе спротивставиме фронтално, со нова понуда во рамки на партијата, зад која ќе застанат многу партиски членови. Тоа ќе го објавиме јавно.

Кој од претходните членови, или можеби актуелните може да ја обедини партијата и да донесе изборна победа?

-Прво да видиме кои личности ќе се кандидираат, што ќе понудат во форма на политичка платформа и според тоа ќе видиме која личност ќе ги освои симпатиите на членството.

 Јованка ЦАРУЛЕСКА ГРУЕВСКА