Ердоган: Турција ќе размисли за воведување нови мерки за борба против Ковид-19

32

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Владата ќе размисли за воведување нови мерки за борба против Ковид-19.

Најавата на турскиот претседател следи откако во земјата се потврдени нови 2.165 случаи, најмногу од мај, кога Анкара воведе низа рестриктивни мерки.

Ердоган рече дека министерот за здравство посетил неколку провинции и разгледува какви нови мерки можат да бидат воведени во овие делови на земјата.

Министерот за здравство Фахретин Коча изјави дека 40 проценти од сите случаи во Турција се пријавени во Истанбул, петпати повеќе отколку во главниот град.

По состанокот со локалните власти во пет провинции во североистокот на земјата, Коча рече дека има голем пораст на бројот на случаи во овие области на земјата и дека некои градови се приближуваат до вториот бран на пандемијата.

Тој посочи дека мерките како носење маски, одржување физичко растојание и флексибилно работно време се важни во борбата против пандемијата и дека властите во моментов не размислуваат за воведување карантин.

Турското лекарско здружение и опозицијата ја критикуваа одлуката на Владата да ги класифицира само симптоматските случаи како официјални статистички податоци за пандемија, посочувајќи дека ова ја прикрива реалната епидемиолошка слика.

Во Турција, 357.693 лица се заразени со вирусот од почетокот на пандемијата, додека 9.658 пациенти починале како резултат на Ковид-19.