„Еразмус плус“ ги спојува математиката и уметноста

175

Средното стручно општинско училиште „Моша Пијаде“ од Тетово од почетокот на овој месец започна со реализација на нов проект „Еразмус плус“, кој ги спојува математика и уметноста. Во проектот училиштето се вмрежува со ученици и наставници од Литванија, Хрватска, Турција, Грција, Италија и РС Македонија.

-Иако се чини дека математиката и уметноста не одат заедно, тим на професори од шест земји, меѓу кои беа и директорот Небојша Трпковски и професорот по математика Виолета Србиновска, создаде проект кој покажа дека математиката и уметноста се меѓусебно испреплетени и така проектот е насловен „Мат, мјузик анд арт вил кип ју а смарт“ (Math, Music and Art will keep you smart) или скратено MA(R)TH- соопштија од училиштето.

Ќе се користат веб-алатките и програмите за математика и уметност за да создадат интересни содржини за настава и учење.

-Математиката ќе биде презентирана на малку поинаков начин отколку што сме навикнати и како таква сигурно ќе биде поинтересна и попривлечна за учениците. Да ги спомнеме некои од темите: дропките и музиката, низата на Фибоначи во уметноста, фрактал (геометријски лик или математичко множество со структури што личат на самите себе), математика и архитектура.

Секое од партнерските училишта ќе подготват презентации, ќе изготвуваат квизови, ќе фотографираат, ќе компонираат, ќе цртаат, ќе сликаат, ќе учествуваат во видео конференции. И учениците и наставниците ќе научат да работат во ГеоГебра (GeoGebra) и Хром мјузик лаб (Chrome Music Lab) и користат 3-Д принтер. Исто така, ќе има можност за размена на примери на добра практика, бидејќи ќе се организираат заеднички посети на сите партнерски училишта, изјави Виолета Србиновска-професор по математика.

Проектот ќе се спроведува 20 месеци или следните две учебни години.