ЕМА препорачува пуштање во промет вакцина против ебола

33

Надлежниот Европски регулаторен одбор за лекови денеска препорача вакцината против ебола на компанијата „Мерк & Ко” да добие дозвола за пуштање во промет, со што светот ќе ја добие првата официјално одобрена вакцина против оваа ретка и смртоносна болест.

Во соопштението на Европската агенција за лекови (ЕМА) се наведува дека нејзиниот одбор препорачал во Европската унија условно да се одобри пуштање во промет на вакцината Ервебо за лица од 18 години, кои се изложени на ризик од контакт со вирусот ебола.

Конечното одобрување зависи од Европската комисија, која главно ги следи препораките на Одборот за лекови за човечка употреба (ЦХМП).
Светската здравствена организација (СЗО) ја поздрави оваа одлука и најави дека ќе почне со преквалификација на вакцината (гаранција дека лекот е безбеден и ефикасен).

– Условното одобрување на првата светска вакцина против ебола е триумф за јавното здравство и сведоштво за соработка без преседан на експерти од целиот свет, наведе во соопштение генералниот директор на СЗО, Тедрос Адан Гебрејесус.
Оваа хеморагична треска првпат е откриена во Конго во 1976 година, се пренесува преку директен контакт со телесни течности и обично е смртоносна за речиси половина од заразените.

Во моментов нема одобрени лекови за ебола, а податоците добиени со тестирање и на база на доброволно користење покажуваат дека Ервебо е ефикасен во заштитата од вирусот по примање на една доза, соопшти ЕМА.
Вакцината е тестирана на околу 16.000 луѓе и моментално е на разгледување за добивање дозвола во САД.

Во сегашната епидемија на ебола во Демократска Република Конго се заразени повеќе од 3.000 луѓе.