ЕМА препорача одобрување на вакцината Фајзер за деца на возраст од пет до 11 години

101

Комитетот за хумани лекови на Европската агенција за лекови препорача да се одобри продолжувањето на индикациите за вакцината против Ковид од Фајзер и БиоНТек, за да се вклучи употреба кај деца на возраст од 5 до 11 години.

Вакцината, чие комерцијално име е „Комирнати“, веќе е одобрена за употреба кај возрасни и деца на возраст од 12 и повеќе години, потсетува ЕМА во соопштението.

Кај децата на возраст од 5 до 11 години, дозата на оваа вакцина ќе биде помала од онаа што се користи кај лицата постари од 12 години, односно ќе биде 10 микрограми наспроти 30 микрограми кои се даваат на постарите возрасни групи.

Се дава како две инјекции во мускулите на надлактицата, со разлика од три недели.

Главната студија кај деца на возраст од 5 до 11 години покажа дека од 1.305 деца кои ја примиле вакцината, три развиле ковид-19, во споредба со 16 од 663 деца кои примиле плацебо.

„Ова значи дека во оваа студија, вакцината била 90,7 отсто ефикасна во спречувањето симптоматски ковид, иако вистинската стапка може да биде помеѓу 67,7 отсто и 98,3 отсто“, се вели во соопштението на ЕМА.

Тие додаваат дека најчестите несакани ефекти кај децата на возраст од 5 до 11 години се слични на оние кај постарите.

„Тие вклучуваат болка на местото на инјектирање, замор, главоболка, црвенило и оток на местото на инјектирање, болки во мускулите и треска. Овие ефекти се обично благи или умерени и се подобруваат во рок од неколку дена по вакцинацијата“, се вели во соопштението.

Оттука, Комитетот на ЕМА заклучи дека придобивките од вакцината Комирнати кај деца на возраст од 5 до 11 години ги надминуваат ризиците, особено кај оние со состојби кои го зголемуваат ризикот од тежок ковид.