Весникот Политико Европа открива денеска дека истакнатиот европратеник од Германија, Елмар Брок, им наплаќал на своите гласачи 150 евра за посети во Европскиот парламент, јавува дописничката на МИА во Брисел.
Според новинарите кои ја открија сторијата, Брок, од партијата на Ангела Меркел, и еден од најстарите европратеници, им барал 150 евра на посетителите наводно за да ги покрие трошоците за посетата, а потоа барал рефундирање Европскиот парламент во ист износ.
Новинарите, кои имале увид во документи на германските демохристијани, тврдат дека Брок вкупно собрал 18 илјади евра на тој начин.
На својот вебсајт, пишува Политико Европа, Брок пишува дека за посета во Европскиот парламент можно е да се побара „мала субвенција за патните трошоци“. Но, Парламентот покрива „многу повеќе“ од тоа што го тврди европратеникот, стои на сајтот на ЕП вклучително и пат, сместување и храна.
Елмар Брок се брани велејќи дека таа субвенција „ни одблиску не ги покрива трошоците на посетителите“ и затоа наплаќаат „придонес за учество“ за да ги покрие трошоците што не ги покрива ЕП. Тој вели дека групите кои доаѓаат во посета добиваат хотелски резервации, ресторани, и забавни настани надвор од ЕП.
-Износот што ни го дава Парламентот не е доволен за да се грижиме соодветно за групите, им рекол Брок на новинарите по телефон, пишува Политико Европа.
Но, според проверките на новинарите од четири групи на посетители, сумата од 150 евра е „значително поголема од трошоците за посетата“ и додаваат дека никаде нема доказ дека посетителите го добиле назад уплатениот вишок, како што треба.
Брок како европратеник заработува 8750 евра месечно.