“Елколект” од Прилеп го стимулира собирањето електронски отпад

14

Со доделување на наградите во киното “Мис Стон” во Прилеп, заврши наградната игра “Да рециклираме и да се наградуваме”, организирана од “Елколект”, наменета за собирање на електричен и електронски отпад.

Своите стари електронски уреди граѓаните можеа од 4 септември да ги складираат во специјалните контејнери коишто беа сместени во царинскиот терминал на ЈКП “Комуналец”. Целта на овие наградни игри и акции е подигнување на свеста кај граѓаните за заштита на животната средина.

– Една од нашите цели е да ја подигнеме јавната свест во општините и да ги научиме граѓаните за правилно постапување со електричниот и електронски отпад, отпадните батерии и акумулатори. За таа цел организираме наградни игри со општините со кои имаме склучено договор, една од нив е и Општина Прилеп. Ги извлековме наградите, добитниците не беа присутни, наградените купони ќе бидат објавени на интернет страницата на “Елколект” – истакна Ирена Бошков, претставник на ДОО “Елколект”.

Заштита на животната средина е императив на новата локална власт.

– Општина Прилеп во континуитет се грижи за заштита на животната средина. Задоволни сме од одзивот на граѓаните за оваа наградна игра и се надеваме дека правилното третирање на овој вид на отпад ќе продолжи и во иднина. Освен во терминалот, корпи за собирање на електричен и електронски отпад и туби за собирање батерии се поставени и во сите училишта – изјави Винета Иваноска, раководител на одделение за ЛЕР.

Од “Елколект” продолжуваат со организирањето на ваквите акции.