Интерпретаторката на македонската народна музика, Елена Андоновска, не почести со уште еден видеозапис, овој пат за песната „Река газит малој моме“, со кој ја потсети публиката на незаборавниот Александар Сариевски. Со овој видеозапис таа го заокружи проектот што им беше посветен на доајените на македонската народна песна, а кој е поддржан од Министерството за култура.

Александар Сариевски е препознатлив токму по изведбата на оваа народна песна, добро позната во Мијачијата. Видеото се снимаше во манастирот Св. Јован Бигорски, селата Лазарополе и Галичник и други локации во овој регион.

Андоновска посочува дека народните песни се многу важен сегмент од духовната култура на еден народ и токму затоа, додава, мора да бидат зачувани од заборав.

„Постојат институции кои се грижат за тоа, но и јас, како индивидуа, сакам да придонесам народната песна да не се заборави. Идејата беше овие песни да се слушаат и да допрат и до помладата публика. Ова е еден од начините да ги зачуваме постоењето и идентитетот на македонскиот народ, кој отсекогаш творел и создавал“, истакна Андоновска за весникот ВЕЧЕР.

Како и во останатите видеозаписи што се дел од овој проект за песните „Мори деј, Невено“ и „Сношти појдов, мила мамо, на седенка“, повторно ја гледаме Андоновска во народна носија, овој пат од етничкиот предел Мала Река.

Инаку, видеозаписот и на оваа песна од нејзиниот албум „Запеало славеј пиле“ го изработи продукцијата „АРТ студио“, по сценарио на Марјан Андоновски и во режија на Марјан Андоновски и Дејан Ѓоргиев. Музичката продукција е на Ангел Ќосев – студио „Подрумот“, а музичкиот аранжман е на Александар Јовевски. Во видеозаписот учествува и оркестар во состав: Александар Јовевски – пијано, кавал, тамбура, Марјан Андоновски – ударни инструменти, Андреј Трајковски – зурла и Горан Гешовски – бас- гитара.