Хидроцентралата „Чебрен“ е од огромно енергетско значење за Македонија, но државата ја испушти шансата да ја изградиме ние, со тоа што на грчка компанија Владата ѝ го довери стратешкиот проект „Чебрен“ е поразителна и штетна за целокупната енергетска независност на Македонија, сметаат од партијата Левица. Оттаму потенцираат дека локацијата што се дава на странски инвеститор е последната сериозна позиција за изградба на рентабилна хидроцентрала која е од суштинско значење за електроенергетскиот систем на државата.
– Во време на енергетска криза, отуѓување на секој потенцијал за државно производство на електрична енергија е дело против државноста и самостојноста на Македонија. Ваквата одлука на Владата значи дека електричната енергија што ќе биде произведена во Македонија со домашни ресурси, ние повторно ќе треба да ја купуваме на берза. Оваа природна „батерија“ ќе го закрепне целокупниот систем, ќе го намали притисокот врз термоцентралите и ќе ги балансира вишоците од дневното производство на фотоволтаиците. Поради овие причини овој капацитет мора да биде во 100% сопственост на Републиката, а не само 33% – нагласуваат од Левица.
Оттаму оценуваат дека во услови на енергетска криза, Владата наместо да инвестира во енергетски капацитети, истата упорно ги распродава националните ресурси на странски компании, чиј профит ќе завршува во нивните стопанства.
– Ако ваквиот недржавнички чин на СДСМ се имплементира, дефинитивно ќе ја изгубиме и онака кревката енергетска стабилност, а со тоа и целокупната независност како држава – велат од Левица.
Стратешкиот проект, тежок една милијарда евра, го добива компанија од надвор, во случајот од Грција и според експертите не дава надеж дека ќе станеме енергетски независни.
Енергетскиот експерт Константин Димитров од МАЦЕФ објаснува дека електричната енергија што ќе се произведува тука со домашни ресурси, повторно ќе треба да ја купуваме на берза. Според него, најдобро ќе беше Македонија сама да ја финансираше изградбата, која е седум години, што не се многу пари да се инвестираат по 100 милиони евра секоја година.
А пак, министерот за економија Крешник Бектеши појаснува дека од произведените количини на електрична енергија на ХЕЦ Чебрен, а ќе се троши во земјава согласно потребите и потрошувачката кај нас. Тој меѓутоа не кажа по која цена ќе биде таа струја.
– Секој енергетски капацитет кој е на територијата на земјата има механизми државата, според последните измени на Законот за енергетика, да направи одредени обврски за одредена количина на струја да остане во државата согласно потребите и потрошувачката. Не е иста потрошувачката во лето и зима, ќе се согласите. Најважно е вакви енергетски капацитети да имаме во земјата. Тоа ние го правиме и со фотоволтаиците и сега со изградбата на ХЕЦ Чебрен – рече Бектеши.
По 13 пропаднати тендери Владата донесе одлука за доделување на концесија за изградба на ХЕЦ „Чебрен“. Освен што ќе произведува електрична енергија, предвидено е хидроцентралата да има режим на пумпање и враќање на водата назад, со што на Црна Река ќе се создаде најголемото вештачко езеро во Македонија.
Вака, со оглед дека грчката компанија ќе треба да отвори посебна фирма во Македонија, во која учество би требало да има и државната ЕСМ, најверојатно од околу 30%, тоа би можело да значи ново задолжување.
(С.Бл.)