Електричен спој направи катаклизма во Кочани?!

1439

Белско маало во Кочани вчераутро изгледаше како по катаклизма. Пожарот што беснееше и се приближи до куќите, за среќа, беше локализиран. Зад себе остави пустош, а трагите од изгорените стрништа, пеплосани возила, црнилата и чадот на повеќе места што тлееше од земјата, немо сведочеа за битката која мештаните ја водеа до доцните вечерни часови. За трагедијата да биде уште поголема, снема и вода, раскажуваат кочанчани.  За среќа, во пожарот немаше потешко повредени, а Министерството за здравство информира дека деветтемина жители, кои ноќта побарале лекарска помош поради вдишување на чад, се во добра здравствена состојба. Од пожарот во западниот дел на Кочани настрадаа куќи и помошни објекти во Белско Маало, како и штали со крупен добиток и живина, во кои настрада дел од добитокот, па затоа Општината обезбеди два милиони денари сопствени средства за почетна помош.

Но, состојбата во Кочани сè уште не е целосно под контрола. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, информираше дека нема опасност за градот, но пожарот сè уште не е изгаснат.

– Цело утро, двата хеликоптери гаснеа, сè уште еден крак е активен и тоа до вечер може повторно да стане катастрофа, да отиде во сите можни насоки, бидејќи ако во Скопје дува ветер, во Источна Македонија дува малку повеќе, рече Ангелов. Додаде дека ако забележат огнот оди во насока на населено место, веднаш ќе пристапат кон евакуација на луѓето.

 

-Со две возила и пет пожарникари се упативме во Старо Нагоричане, бидејќи ни кажаа дека состојбата таму е алармантна. Кога пристигнавме видов се работи за пожар со кој е зафатена голема површина од мешана шума, но и борова шума. По проценка на луѓето што беа таму од Шумското стопанство беше зафатена површина од околу 600 хактари. Загрозени беа и многу куќи, бидејќи таму тие се од растурен тип, односно се групирани две до три куќи на едно место, вели Помошник-командантот на Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје, Трајче Кметовски за весникот ВЕЧЕР

Освен претставници од скопската Бригадата за противпожарна заштита во Старо Нагоричане во гаснењето на пожарот учествувало и месното население, имало единици од кумановската противпожарна единица, претставници од самата Општина Старо Нагоричане, ангажиран бил и хеликоптер на армијата, а учество зела и полицијата.

-Глетката беше стравотна. Кога дојдовме во Старо Нагоричане, во 16:30 часот, попладнето во понеделникот веќе беше зафатена голема површина, а исто така и веќе изгорен голем дел од шумата. Огнот го помина Кокино, така што пожарот се прошири на другата страна на тешко пристапен терен, каде тешко се гасне во ноќни услови.  Ноќта едното наше возило го оставивме таму, а со две противпожарни возила, девет пожарникари и две цистерни на ЈП „Водовод и канализација“ за достава на вода се упативме кон Кочани каде што ситуацијата исто така беше сериозна – раскажува Кметовски.

Кога пристигнале во Кочани, во 23 часот вечерта, активно се вклучиле во гасењето на пожарот.

-Благодарение на успешната координација со останатите учесници во гасењето на пожарот успеавме да го локализираме  за еден час и 30 минути, односно бевме готови во 1 часот по полноќ. За разлика од Старо Нагоричане, каде што гореше мешана шума и шума со борови дрвја високи и до 30 метри, каде што моравме да се пробиваме низ неа, со што животот ни беше постојано во опасност, во Старо Нагоричани гореше сува трева и грмушки и тоа фронтално на околу 5 до 6 километри и беше полесно за справување со огнената стихија – потенцира Кметовски.

По гаснењето на пожарот во Старо Нагоричане, скопските пожарникари повторно се вратиле во Кочани, каде огнот и покрај вложените напори за негово гаснење се ширел, па пламените јазици тешко можеле да се стават под контрола, бидејќи имало ветер.

Инаку, Ангелов вчера потенцира дека се прави истрага за причините за пожарот, но, рече дека истиот е предизвикан од електричен спој на бандери или далноводи, а попладнето поради силниот ветер брзо се проширил на сувата вегетација. Информираше дека пожари беснеат уште на 13 локации, а најкритична во моментов е ситуацијата во Старо Нагоричане. Со пожарот е зафатена нискостеблеста шума, сува трева, црн бор, и багрем на поголема површина.

-Во некои села раководителот на секторот за операции и координации на ЦУК беше во акција на евакуација на граѓани кои беа загрозени и таму од пожарот беа зафатени неколку куќи, но беа спасени човечки животи, рече Ангелов.

Сè уште се активни дел од пожарите во Скопскиот, Кумановскиот и Штипскиот регион.

-Во општина Старо Нагоричани во моментот и понатаму е активен пожар во селото Кокино, кој се дели со длабок дол со селото Арбанашко – местото Рамно во општина Старо Нагоричане каде што гори висока борова шума, дабова шума, габер, сува трева и нискостеблеста мешана шума, информира од ЦУК.

И покрај алармантната состојба, групата за процена одлучила дека нема потреба од прогласување кризна состојба во државата поради пожарите.

-Оваа одлука ја донесовме поради неколку причини – прво бидејќи македонскиот претседател Стево Пендаровски уште на 2 август даде наредба за употреба на Армијата и тоа на копнените сили не само на воздухопловниот ВИНГ, така што благодарение на одредени законски и подзаконски акти и во овој момент можеме да ги користиме сите расположливи ресурси на Армијата, рече Ангелов. Додаде, дека и каналите за добивање меѓународна помош се отворени и добро функционираат и без прогласена кризна состојба. (Е.А.)