„Елате у нас, да ’и венчаме, да се ќердосает, а в година да сме на крштевка“! „Галичка свадба 2024“ по 61.пат

2105

Токму вака со изворен повик, на галичкиот дијалект, овој викенд, од 12 до 14 јули, ќе се случи годинешното издание на традиционалната „Галичка свадба“, на која невестата е Стефана Димитрова, а зетот е Даријан Кочоски. Невеста е со потекло од галичките фамилии Чаловски и Веноски. И за двајцата важи старото добро правило: да се вечни, среќни и бериќетни, да се ќердосает, годинава на венчавка, в година да сме на крштевка! За многу, многу години да им се љубовта и среќата!

Галичка свадба со зурли и тапани е настан кој влегува во ризницата на светските културно-музички настани, кој самиот по себе е и културно богатство на македонскиот народ. Се започнува традиционално в сабота навечер со китење на бајракот и со фрлање пушка. Потоа е пречекот на топаните, кои се движат кон куќата на зетот. Тука се играат и: „Свекрвино оро“, „Невестинско“ и „Тешкото“.

Веќе в недела рано наутро се оди на гробишта кај најмилите, а зетот е на чело на поворката. Откако ќе се вратат од гробиштата каде што почиваат оние кои нè донеле и исчувале на овој свет, се практикуваат народните обичаи: го бричат зетот, со што неговите најблиски „липаат“ затоа што тој се „одделува“ од семејството и се приклонува кон невестата. За венчавањето во црквата, главни се свекорот и свекрвата. Свекрвата во една рака носи котле вода, а во другата китка босилок, прскајќи ги младите. Церемонијата на крај се случува со испраќање на зурлаџиите и тапанџиите, додека свекорот ги дарува со пари. Венчавањето на младенците завршува во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Галичник.

За оние кои сè уште не биле на еден ваков интересен настан, значаен и за туристичкиот сектор, ќе треба тоа да го направат бидејќи не се свесни што пропуштаат. И нема да зажалат во никој случај за одвоеното време. Затоа, во Галичник, на падините на планината Бистра, во јули, секогаш има многу туристи од целиот свет. По повод овој општонароден настан, во просториите на „Пивара Скопје“, традиционално се одржа прес-конференција на која, покрај новинарите присуствуваа и луѓето од организацијата.

Самите тие, невестата Стефана Димитрова и зетот Даријан Кочоски, беа искрено вистински воодушевени од заинтересираноста на новинарите. Желбата им се оствари. Тие ќе го кажат овој топол викенд своето топло ДА во живописниот Галичник, а и пред Бога ќе се заколнат на вечна љубов исполнета со многу златни, здрави, радосни дечиња. Велат дека сè им е како во некој убав сон, а позитивната вознемиреност постојано ги обзема.

За сите кои ќе тргнат (на овие тропски горештини) накај Галичник многу важно е да знаат дека ќе биде воспоставен специјален сообраќаен режим. Организаторот апелира алкохолот да се консумира во разумни и пристојни количества, пијан никој да не помислува да вози и секако секој да се грижи за зелената околина на уникатниот Галичник.

Д.М.