ЕК го започна третиот круг на заедничка набавка на гас

26

Европската комисија го започна третиот круг на заедничка набавка на гас со тоа што ги покани компаниите да ги пријават своите потреби за овој енергенс пред зимата.

Комисијата ги повикува компаниите да ги пријават своите барања за природен гас до 27 септември. Потоа, на почетокот на октомври, Комисијата ќе бара понуди на меѓународните пазари за испораки помеѓу декември 2023 и март 2025 година.

Извршниот потпретседател на Комисијата Марош Шефчовиќ вели дека ЕУ ја очекува оваа зима во многу подобри услови од лани, имајќи предвид дека складиштата на гас се речиси полни, дека се обезбедени многу повеќе рути за снабдување и дека уделот на обновливите извори на енергија е значително зголемен. „Сепак, ситуацијата на пазарот на гас е сè уште тензична, мора да останеме внимателни и да продолжиме со заеднички набавки на гас за да обезбедиме стабилно и достапно снабдување“, рече Шефчовиќ.

Во претходните два круга на заедничка набавка во мај и јули беше пројавен интерес за набавка на вкупно 27,5 милијарди кубни метри гас, а од сигурни понудувачи се набавени 22,9 милијарди кубни метри. Вкупната побарувачка на гас во ЕУ е многу поголема, околу 360 милијарди кубни метри, а со заедничка набавка на барем дел од побарувачката, целта е да се постигнат подобри цени на гасот.