Екс-адвокатот на Трамп ќе објави книга за американскиот претседател

11

Мајкл Коен, поранешен личен адвокат на претседателот Доналд Трамп, најави книга за неговите врски со Трамп како ригиден бизнисмен во градежништвото, за неговите брачните неверства и обидите на претседателот да „се проникне во светот на Владимир Путин“.

-Знам каде се закопани скелетите, затоа што јас сум тој што ги закопуваше, наведе синоќа Коен по повод неговата книга: „Нелојален: Мемоари. Вистинската приказна на поранешниот личен адвокат на претседателот Доналд Трамп“.

Во книгата тој истакнува дека го знаел својот клиент многу подобро и од неговите роднини.

– Сведочев каков човек е навистина, во стриптиз клубовите, за време на сомнителни бизнис средби, и во моменти на искреност, кога тој се откриваше каков е навистина: Лажго, измамник, насилник, расист, предатор, злоупотребувач на доверба, истакнува Коен за Трамп.

Белата куќа книгата на Коен ја оцени како „фикција за забава“.

– Книгата на Мајкл Коен е фикција за забава. Тој открива дека рутински лаже, но очекува луѓето да му веруваат за да може да заработи од продажба на книги. За жал, медиумите го користат овој тажен и очаен човек за напад врз претседателот Доналд Трамп, соопшти Белата куќа.

Во декември 2018 година, Коен беше осуден на три години затвор поради избегнување на плаќање данок и нарушени закони за финансирање изборна кампања.

Од мај годинава Коен затворската казна ја отслужува во домашни услови поради пандемијата. Минатиот месец бил забележан во ресторан во Менхетн и поради нарушувања на затворските услови беше вратен повторно зад решетки. Тој ја обжали одлуката и на 23 јули, повторно е вратен дома.

Коен е осуден откако се изјасни за виновен за обвиненија за финансирање на кампањата и лажење пред Конгресот.