Вилата пред која е убиен, денес е хотел: Ексцентрично и контроверзно – како и самиот Џани Версаче

99

Денес, речиси 22 години откако беше шокантно убиен на прагот на својата вила во Мајами од страна на серискиот убиец Ендрју Кунанан, името на Џани Версаче, еден од најголемите модни креатори на сите времиња, не престанува да предизвикува интерес и изненадување.

За неговиот сензационален живот многу работи се познати, но не и за неговиот дом кој денес е пренаменет во луксузен хотел кој го задржал оригиналниот изглед и естетиката на Џани и модната куќа Версаче. Постојат речиси неверојатни податоци врзани за самата вила, но и за начинот на кој славниот дизајнер ја опремил.

Раскошната куќа наречена Casa Caurina е изградена во 30-тите години од минатиот век, а дизајнерот ја купил во 1992 за 2,9 милиони американски долари, по што вложил уште десетици милиони долари за да ја дотера по свој вкус.

Во импозантните 2.137 метри квадратни се наоѓаат 10 спални соби, голем хол, 11 бањи, дневна соба, кујна, тераси, помошни простории и неверојатен простор околу базенот, обрабен со 24-каратно злато!

Познавачите на деталите од животот на овој креатор тврдат дека на уредување на својот дом во кој планирал да ужива до крајот на својот живот, потрошил дури вртоглави 33 милиони американски долари.

Таа е уредена со фрески на ѕидовите, шаренило во собите, мермер во купатилата, скулптури во антички стил, со прибор за јадење креирани од Џани и со базен украсен со мозаици и со мотивот на Медуза, заштитниот знак на Версаче.

Познатиот базен во вилата не плени со својата големина, туку со изгледот. По скицата на Џани направен е во Италија, а во Америка е доставен во делови, кои биле склопувани од дури 75 мајстори. Таа е вистинско уметничко дело.

Исто така треба да се истакне дека мозаиците во куќата се украсени со дури 100 милиони ситни италијански плочки!

Кога се работи за ентериер, пак, на Џани главна инспирација му била „ Alcazar de Colon“, вила која ја соѕидал синот на Кристофер Колумбо, а која се наоѓа во  Доминиканската Република, поточно во градот Санто Доминго.

Статуетките кои стојат на работ на базенот, Џани Версаче ги откупил од еден  француски дворец, а потекнуваат од 16 век.

Уште еден интересен податок кажува дека од сите бањи, само една има када, а   припаѓа на апартманот кој Џани го дизајнирал посебно за својата сестра Донатела.

Во куќата исто така постои и мермерна веце-шолја, една од трите такви на светот, која, сама за себе, вреди 10.000 американски долари.

Покрај сите останати кои работеа на одржување на приватниот рај на Џани Версаче, во куќата имало и  постојано вработен библиотекар, кој бил задолжен за одржување на редот во петте лични библиотеки, колку што ги поседувал Џани, што не зачудува бидејќи е позната неговата љубов кон литературата.

Денес за ноќ во оваа вила пренаменета во хотел треба да издвоите повеќе од 1.000 долари. Во овој хотел е снимена и епизода од Американската крими приказна “Атентатот на Џани Версаче“.