Експлозивна изјава на британската премиерка: „Не треба да го слушаме ‘штракањето со оружје’ на Путин“

1087

Британската премиерка Лиз Трас ја коментираше најавата за руска мобилизација и инвазијата на Украина во своето прво интервју за американска телевизија. Таа рече дека Велика Британија и нејзините сојузници не треба да го слушаат „штракањето со оружје“ на рускиот претседател Владимир Путин за Украина, откако тој нареди делумна мобилизација на војниците и укажа на можноста за нуклеарен конфликт.

„Наместо тоа, она што треба да го направиме е да продолжиме да воведуваме санкции кон Русија и да продолжиме да ги поддржуваме Украинците“ – рече Трас во интервју за Си-Ен-Ен – пренесе Ројтерс.

„Путин направи стратешка грешка со инвазијата на Украина“, рече Трас, додавајќи: „Мислам дека Украинците го надмудрија. Видовме како Украинците продолжуваат да возвраќаат. И мислам дека тој не ја очекуваше силата на реакцијата од слободниот свет“.

Трас, која стана премиер на почетокот на месецот, зазеде тврд став кон Русија и Кина.

Сепак, се појавија и несогласувања со некои традиционални сојузници, особено во Европа и САД, околу трговските аранжмани со Европската унија по Брегзит.

Трас рече дека таа и Бајден се согласиле дека мирот треба да се зачува во Северна Ирска и дека сè уште верува во посебните односи меѓу Британија и САД.

– Мислам дека нашиот однос е посебен и дека е уште поважен во моментот кога се соочуваме со закани од Русија и со понасилното однесување на Кина – истакна таа.

Таа нагласи дека сојузниците на Велика Британија мора да работат заедно на нивниот став кон Кина, како и кон Русија.