ЕКСПЕРТСКАТА ЈАВНОСТ ЗА УСПЕШЕН ИЛИ НЕУСПЕШЕН РЕФЕРЕНДУМ: Најголем предизвик на референдумот ќе биде резултатот, а не цензусот!

78

Успешен референдум значи одѕив поголем од 50 отсто од запишаните во избирачкиот список, и сите да гласаат “ЗА”.  “Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи”. Тоа значи дека за успешност на референдумот позитивно треба да се изјаснат околу 50 отсто +1 од целиот избирачки список. Сите други сценарија како што се непостигнување на цензусот, немање мнозинство…, според Уставот едноставно значи неуспешен референдум.

Најголемиот предизвик за претстојниот референдум нема да биде цензусот туку резултатот, велат познавачите на политичките прилики, а истото го покажуваат и неколкуте анкети кои деновиве беа објавени за испитување на јавното мислење во врска со претстојниот референдум.

Државната изборна комисија неодамна го заклучи избирачкиот список за референдумот, и според податоците од таму за претстојниот референдум се запишани   1.806. 336 гласачи.

За референдумот да биде успешен, потребен е цензус од 903.169 гласачи, односно, половината запишани, плус еден глас. За референдумот да биде успешен, треба половината од излезените гласачи да гласаат “ЗА”.

Според правните експерти, кои во нивните изјави се повикуваат на Уставот, пак, нема дилема што значи успешен референдум.

– Успешен референдум значи одѕив поголем од 50 отсто од запишаните во избирачкиот список, и сите да гласаат „ЗА”. „Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи”.  Тоа значи дека за успешност на референдумот позитивно треба да се изјаснат околу 50 отсто +1 од целиот избирачки список. Сите други сценарија како што се непостигнување на цензусот, немање мнозинство…, според Уставот едноставно значи неуспешен референдум.

На последните парламентарни избори СДСМ освои 437.000, а од албанскиот блок беа дадени 210.000 гласови – за ДУИ, ДПА и БЕСА и Алијанса за Албанците, а помалите етнички заедници дадоа 50.000 гласа што вкупно даваат 700000 гласа, а потребниот цензус за референдумското изјаснување е повеќе од 900.000 гласа, што според досегашниот развој на настаните, е неизвесно дали ќе се обезбедат. Лидерот на интегративците Али Ахмети пред околу два месеци изјави дека над 90% од Албанците активно ќе учествуваат на референдумот, но потенцираше дека тие ќе бидат и главни пропагандисти за излегување на референдум.

-Контактираме со различни здруженија од земјите од Европа и Америка, како што ги организиравме за изборите кога имаше потреба, на пример за Кичево организиравме, истите пракси ќе се користат и за референдумот. Има заинтересирани здруженија, своеволно се пријавија за да помагаат во овој процес и сакаат да бидат дел од него – изјави Али Ахмети тогаш во интервју за ТВ21.

Во пракса, никогаш не се случило да натежнат гласовите “против”, а цензусот би се исполнил од вкупниот број на  гласови “за” и “против”, па затоа противниците на референдумот за промена на името се залагаат за бојкот.

Од ВМРО-ДПМНЕ деновиве повикаа секој да одлучи по сопствено убедување, па затоа се поставува прашањето како ќе постапи гласачкото тело на најголемата опозициска партија, и кое крило од нивното гласачко тело ќе натежне, дали тие што се за бојкот на референдумот, или оние кои ќе излезат да гласат “против”.

Официјалниот став на партијата е дека ги поддржуваат евроатлентските интеграции на Македонија, но дека не го поддржуваат договорот од Преспа. Лидерот Христијан Мицкоски не открива дали тој ќе излезе на гласање на 30 септември.

„Дали Христијан Мицкоски ќе излезе или нема да излезе на референдумот во овој момент воопшто не е важно. Важно е дека ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не води кампања за овој капитулантски договор. На овој референдум овој таканаречен договор не е дел од референдумското прашање, туку прашањето е трозначно, манипулативно и има задача да внесе забуна кај граѓаните”, изјави Мицкоски неодамна во телевизиско интервју.

И да нема цензус на претстојниот референдум, потребните уставни измени за реализација на Договорот со Грција ќе влезат во Собранието, најавуваат владините функционери. Претседателот на македонската влада најави дека ставот на власта е референдумот да биде консултативен, што според познавачите, остава простор за заобиколување на резултатите. Одлуката на граѓаните на одлучувачкиот референдум е задолжителна за институциите, а на консултативниот не е.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи смета дека

недоволниот одѕив на граѓаните, да го направат процесот успешен значи му даваат мандат за Парламентот да одлучи сам. На иста линија е и министерката Рената Дескоска која деновиве рече дека доколку нема цензус ќе значи дека не е донесена одлука на референдум, и според тоа, како што рече, се остава на институциите да ја донесат одлуката.

-Кредибилитетот на натамошното одлучување ќе зависи од бројот на граѓани кои ќе излезат на гласање и бројот на гласови кои ќе бидат дадени за секоја од можните опции за кои ќе се изјаснуваме – појасни Дескоска.