Ексклузивно со… Ал ди Меола: Соништата се остваруваат, само ако премногу опасно ги посакувате!

30

По пауза од десетина години еден од најголемите и најнаградуваните светски гитаристи на сите времиња, благодарение на Авалон продукција, се враќа во Скопје, и тоа со два ексклузивни концерти во една вечер. Меола ќе настапи со многу специфична програма, односно со музика на Битлси, Пјацола, но и свои авторски теми

Тој е американски фјужн и џез гитарист, композитор и музички продуцент. Прв инструмент му биле тапаните, но под влијание на Битлси гитарата станува негова љубов… Веќе погодувате станува збор за Ал ди Меола – еден од најголемите гитарски виртуози во светот и човекот кој после десетина години повторно ни доаѓа во Скопје, и тоа овој пат со два ексклузивни концерти во една вечер (од 20 и 22 часот на 25 ноември во МОБ). Иако во моментов е на турнеја и буквално нема ден пауза сепак успеавме да “украдеме” дел од неговото време и да позборуваме за тоа што можеме да очекуваме на скопските концерти во МОБ, која соработка му била остварување на соништата, зошто рапот го смета за глупост…

Пошироката јавност го запозна Меола во далечната 1970 како гитарист на џез-фјужн составот „Return to forever“, со кој објави три албума. Кон крајот на 70-те решава да продолжи соло и до денес има објавено 24 албуми, освоено еден куп награди и продадени над 1 милион копии. Долгата листа на соработници на Меола вклучува имиња од калибарот на Пол Самон, Фил Колинс, Павароти, Карлос Сантана, Џими Пејџ, Френк Запа…Со колегите Пако Де Лусија и Џон Меклафлин, пак, во јавноста беа познати под името „гитарско супертрио“…

Веќе сте биле во Македонија, па што е она на што прво ве асоцира кога ќе го чуете името на нашата земја. И дали сте имале можност да видите и други градови освен Скопје?

АДМ: Познат ми е целиот овој регион, сум имал неколку турнеи овде. Во Македонија не доаѓам првпат и освен Скопје добро познат ми е и Охрид, инаку навистина ми се допаѓа целиот овој регион, има некоја убава енергија.

За неколку дена во една вечер ќе имате два ексклузивни концерти во Скопје, публиката ќе има можност да ужива во композициите на Битлси, Пјацола, но, исто така, и ваша изворна музика… Што можеме да очекуваме сите?

АДМ: Ќе видите една убава, естетска конекција помеѓу длабока и убава мелодија, хармонија и рима, во синергија помеѓу сите тројца композитори…

Кариерата ја почнавте во седумдесеттите години, тогаш бевте дел од бендот Return to Forever, после три албума почнавте соло кариера, гледано од денешна временска дистанца – подобро ќе беше да останевте во бенд или сметате дека не направивте погрешен чекор?

АДМ: Соло победува секојпат затоа што се доаѓа од моја гледна точка и никогаш не треба да се прави компромис. Некако не е тоа за мене. Кога си соло тогаш имаш и поголема слобода и можеш да експериментираш. И тоа чувство е прекрасно.

За себе вели дека е едноставен чеовк и дека сака да настапува секаде каде што е повикан и добредојден. Многу му е важно да настапува на сцена каде има совршена акустика, а онаму каде што престојува му е важно да биде сместен во добар хотел со убава храна. А и додека патува секогаш се обидува да најде време за кратки прошетки, со цел подобро да ги запознае луѓето…

Вашата листа на соработници е импресивна, можете ли да ни кажете која соработка е остварување на соништата?

АДМ: Свирењето со Пако де Лусиа беше доста важно во однос на инспирацијата, а Астор Пјацола е олицетворение на сето тоа. Тој е композиторот и музичарот кому му се восхитувам. Најважната инспирација за мене во мојата кариера. Меѓу музичарите најдобар пријател, пак, ми е Гамби Ортиз, перкусионист.

Во едно постаро интервју имате изјавено – “Свирев гитара 8 до 10 часа на ден… Се трудев да се најдам себеси или видот на музика кој ќе ми одговара и во која насока се движам со гитарата”, гледано наназад се најдовте ли себеси?

АДМ: Без дилема да. Секако се уште продолжувам да се развивам, но дефинитивно се пронајдов!

Имате изјавено – Кога музицираш со големи музичари се што е во тебе излегува на површина побрзо!

АДМ: Доаѓаш до нови височини обично кога те инспирираат останатите музичари. Потребно е само да те инспирираат и предизвикаат, и после се е полесно.

Соништата се остваруваат, нели?!

АДМ: Даааа, ако премногу опасно ги посакувате ха, ха, ха…

Критиката за вас вели, најдобар и најпознат гитарист или виртуоз на сите времиња, колку труд и откажување беше потребно за да се постигне ова, односно за да се биде и совршен гитарист и совршен композитор?

АДМ: Потребен е голем труд и компромис со семејството, затоа што страда времето за семејството, и, секако, драјв кој го поседуваат само неколкумината избрани.

Неодамна изјавивте “Луѓето повеќе не се грижат за виртуозноста. Повеќе се грижат за смешните форми на хип-хоп и луѓето како Еминем, кој се деструктивни и со нула талент”… “Живееме во опасно време. Ние сме во време кога срањето се продава повеќе од се. Станува по малку страшно…”

АДМ: Да рапот се глупости, и не само тоа, туку и доста од популарната музика никогаш нема да биде ни одблизу до убавината, но и револуциенерните промени што се случија благодарение на музиката во 60-те и 70-те години.

А.Тимковска