Ексклузивно интервју со џез музичарот Васил Хаџиманов: Сенка и Зафир ми се голема поддршка, но и критичари!

97

“Македонија е мој дом исто колку и Србија. Мислам дека тоа се чувствува во мојата музика, а публиката тоа го препознава и реагира исклучиво позитивно“, вели за весникот “Вечер“ светски познатиот џез музичар, композитор, клавијатурист и аранжер Васил Хаџиманов, основач на Васил Хаџиманов Бенд од Белград, кој утре (5 декември) во 20 часот ќе одржи концерт во Скопје. Тој во интервјуто, исто така, посочува “И покрај мрачната слика во целиот регион, имаме многу фантастични млади музичари кои свират храбро и горделиво и продуцираат одличен џез, но и други видови креативна музика“

 

На 5 декември Васил Хаџиманов Бенд ќе има концерт во Домот на АРМ во Скопје. Вашите концерти се мелем за љубителите на џез музиката. Што ќе имаме можност овој пат да слушнеме од Вашата музичка работилница?

Ова практично ќе биде првпат Васил Хаџиманов Бенд да има солистички концерт во Скопје. Свиревме многупати во различни скопски клубови и секогаш беше супер, но никогаш немавме вистински концерт, што е чудно, но прашањето зошто е тоа така е за некој друг. Ќе ви го претставиме најновиот албум „Линии во песок“ (Lines in Sand) кој беше објавен оваа година за издавачката куќа „MoonJune“ од Њујорк, кој имавме можност да го претставиме низ цела Европа и за кој добивме одлични критики низ целиот свет.

Какво е, лично, вашето чувство кога настапувате пред македонската публика. Го добивате ли посакуваниот фидбек за вашиот труд и сметате ли дека во Македонија има публика за која вреди да се даде максимум на сцена?

Реакциите се секогаш позитивни и секако јас ја сакам македонската публика, како и Македонија. Исто така имам роднини и најблиски пријатели во Македонија и таа е мој дом исто колку и Србија.

Мислам дека тоа се чувствува во музиката што ја создавам, а публиката тоа го препознава и реагира исклучиво позитивно на она што досега им го презентирав. Колку сите ние во групата се предаваме на таа публика можеше да се види и на последниот настап во клубот “Public Room“ (Јавна соба). Среде песна од силната енергија и речиси во транс во кој паднавме, Боки Ивковиќ кој свири перкусии во групата пропадна во бината. За среќа, беше плитко и не се случи ништо страшно, а Боки само продолжи да свири од дупката во бината.

Со оглед дека студиравте на Беркли, соработувавте и настапувавте со светски музичари, сепак се вративте на Балканот. Има ли надеж за џез музиката на овие простори каде турбо фолкот, за жал, е првиот избор на младата популација, или џез музичарите едноставно мораат патот да си го бараат некаде надвор од границите на Балканот каде, претпоставувам, џезот многу повеќе се слуша и цени?

И покрај мрачната слика во целиот регион, имаме многу фантастични млади музичари кои свират храбро и горделиво и продуцираат одличен џез, како и други видови креативна музика. Всушност, политичката состојба и државните челници ја запоставуваат културата и ја третираат како небитна точка и кога состојбата е сосема спротивна. Недостасуваат посериозни планови и програми, како и поголеми буџети за култура. Но и поддршка за оние кои во ова лудо време не обрнуваат внимание на недостаток на финансии и упорно ја создаваат најубавата музика која не е популарна и комерцијална.

Уште од самите Ваши почетоци развивте препознатлив музички ракопис. Кои се всушност темите кои секогаш одново Ве инспирираат и Ве движат напред?

Инспирацијата е чудна работа. Само преку работа и упорност ќе ви се јави и прикаже. Ако ја чекате и очекувате да дојде сама, ќе се начекате и нема да создадете ништо. Самата музика е моја најголема инспирација и никогаш не ме изневерила.

 Успева ли Вашата музика да најде пат до пошироката публика?

Мојата музика го најде својот пат до оние кои се љубопитни, со отворен ум, подготвени за нешто различно и ново, нешто неочекувано. Тоа е публика која се мери во стотици на нашите концерти, но е сосема доволна и инспиративна за мене за да ѝ се радувам кога имам нешто ново да ѝ покажам.

Каква е Вашата соработка со македонските музичари и дали можеме да очекуваме некаков заеднички настап во блиска иднина?

Извонредна. Работев претежно со Тони Китановски, Александар Петров, Оливер Јосифовски, Алек Секуловски и Мартин Ѓаконовски, но и со помладите подеднакво фантастични музичари како Виктор Филиповски, Кирил Кузманов, Кирил Туфекчиевски, Иван Иванов и други. Моето клавирско трио со Мартин Ѓаконовски и Алек Секуловски само што сними албум, 10 години по нашиот прв албум „Ел Равал“. Среќен сум што испадна снимката и најверојатно следната година планираме и промоција во Филхармонијата во Скопје каде што е и снимен албумот. Продуцентот повторно е Тони Китановски, а снимател, секако, Ален Хаџи-Стефанов.

Колку музичкото семејство од кое потекнувате (татко – познатиот македонски пејач и композитор  Зафир Хаџиманов и мајка – пејачката Сенка Велетанлиќ), имаше влијание на вашиот животен пат и дали и колку тие беа, и се, Вашиот критичар и поддршка, или пак, сметате дека секој сам го носи бремето и славата на своите одлуки?

Пред сè, тие ми се голема поддршка, но понекогаш и добронамерен критичар. Без оглед на нивното искуство и поддршката, на крајот на краиштата, секогаш треба сами да донесувате најважни одлуки и да застанете зад нив дури и кога не сте во право. (Д.Т.)

Музиката на Хаџиманов има единствен пристап кон џезот

Комбинацијата на балкански традиционален, народен ритам и западен, модерен стил на музика (џез, фанк, рок, прогресивна, светска музика…) е целосно автентична во музиката на Хаџиманов и претставува единствен пристап кон џез-музиката.

Васил Хаџиманов компонира и филмска музика, а досега има издадено неколку албуми. Во 2001 Васил Хаџиманов Бенд го издаде својот прв албум „11 причини за…“ кој е распродаден за само три месеци. Веќе следната година тие ја освоија наградата за „Најдобар албум на годината“.

Третиот албум насловен „3 – Сега му е мајката“, тие успешно го промовираа низ цела Србија и Европа. Во април 2009, тие го снимија и својот четврти албум „Живота ми“, кој музичките критичари го оценија како најдобар дотогаш.

Во 2013 го промовираа нивниот петти албум „Can you dig it?“, а во 2016 Бендот направи голем чекор напред, објавувајќи го нивниот шести албум „Alive“ за престижната американска издавачка куќа „MoonJune Records“ од Њујорк. На почетокот на оваа година, тие го издадоа и седмиот албум „Lines in sand“ повторно во соработка со американската музичка етикета „MoonJune Records“.