„Оној што чита книги секако делумно ќе се одбрани од ова бомбардирање со естрада и црнила, но и нешто ќе научи или во себе ќе потврди. Нема да ја избрка лошата неминовност, но ќе се потсети дека делумно е кројач на сопствената судбина. А кај добрите книги и талентираните писатели, сè уште лесно се пронаоѓа таа ‘безбедна куќа’“, вели ексклузивно за весникот ВЕЧЕР српскиот писател Владислав Бајац, кој од Сицилија одговараше на нашите прашања во пресрет на неговото доаѓање во Скопје на фестивалот „Про-за Балкан“ што почнува на 18 септември

Наташа ИЛИЕВСКА-ТАНЕВСКИ

Реномираниот, наградуван, преведуван писател и препознатлив издавач во регионот и пошироко, Владислав Бајац, наскоро доаѓа во Македонија на книжевниот фестивал „Про-за Балкан“ што почнува на 18 септември. Бајац (роден 1954, Србија), којшто е првиот лауреат на наградата „Прозарт“, после десет години повторно се враќа на фестивалот. Тој е познато книжевно име на Балканот, основач на легендарната српска „Геопоетика“, работел како новинар и преведувач, а добитник е и на дваесетина релевантни награди и десетина номинации, меѓу кои и наградата „Балканика“ во 2008 за романот „Амамот Балканија“. Неговите дела се преведени на дваесетина светски јазици и многу од нив се адаптирани за театарски претстави. На македонски јазик се преведени повеќе негови книги, како „Книга за бамбусот“, „Друидот од Синдидун“, „Бегство од биографија“, „Европа експрес“… Ексклузивно за весникот ВЕЧЕР српскиот писател Владислав Бајац од Сицилија одговараше на нашите прашања во пресрет на неговото доаѓање во Скопје.

Колку ваквите гостувања ги продлабочуваат соработките, ги промовираат авторите и претставуваат мостови за поврзување на двете книжевни сцени?

На ова прашање најдобaр одговор би дале организаторите на фестивалот. А најмеродавни би биле читателите на книги. Тие и отсекогаш биле, како и што  треба, главни судии во овој наш фантазмагоричен спорт. Сепак, од моето искуство, но и да потсетам – на овој одлично организиран фестивал сум од неговото основање и прв добитник на наградата „Про-за Балкан“ пред десет години, можам да кажам дека покрај печатените книги, ова е најдобриот начин да ги запознаете самите писатели и нивната литература. И на индивидуално и на национално ниво. Никогаш не е доволно да се истражува Балканот!

Јас лично, цел живот сум емотивно врзан за Македонија. Згора на тоа, имам среќа да другарувам со најдобрите умови што ги имате, кои се и мои пријатели. Сепак, сите помлади и нови што ги запознавам во оваа наша бранша, го одржуваат тој пламен на младоста на овие постарите (кои како да не стареат). Мислам дека генерално тие и јас направивме многу за нашите јазични и за сите други врски.

Можете ли да ни кажете каков е трендот во Србија во однос на читањето книги, кај целата популација, но особено кај младите. Дали дигиталната доба, ја стави книгата во втор план?

Секако дека читањето на електронски книги е неспоредливо зголемено од претходните децении. Но, интересно е што самите формати за читање е-книги – Киндл, Сони и слични – како инструменти не заживеаја: се чита најчесто од компјутери, лаптопи, ајфони и телефони… Овие последните инструменти се погубни за книгите: тие сами по себе не се практични за читање, туку се за што пократки реченици и зборови. И според тоа, дел од таквата читателска публика полека се губи. Генерално гледано, дигиталното не ја победи хартијата. Иако продажбата на електронски книги порасна, печатените изданија останаа и понатаму главен извор за читање.

Како би ја оцениле балканската книжевна сцена? Колку ‘малите’ јазици (делата, темите, преокупациите на авторите од овој регион) можат да бидат конкурентни со доминантните јазици во светот?

До неодамна балканската литература, колку и да беше квалитетна, не успеваше да се доближи до прилично грубиот неоколонијален јазичен систем што владееше со светот, и со тоа да се наметне на т.н. поголеми култури. Меѓутоа, во последните години, поради упорноста и напорите на поединци, а во некои случаи и институции, литературите од балканските земји го подобрија својот статус. Многу фондации кои помагаа во издавањето книги ги намалија своите буџети, но затоа Европската Унија со своите програми обилно помагаше за меѓусебна размена на балканските култури, но „наплатувајќи“ ја оваа поддршка и со наметнување на сопствените вредности и книжевни дела. Мојата оценка за тие програми на ЕУ е: многу пари и многу просечни книги од Европа.

Но, има и една – дали среќна или случајна, добра шанса за писателите од Балканот. Имено, на нашите простори сè повеќе се пишуваат книги за секојдневието на младите и нивните љубовни маки. Ваква литература со години преовладува на Запад. Иако не сум љубител на вакви книги, еве шанса во сличноста која ветува.

Глобализацијата и технолошкиот развој го поврзаа секое ќоше на светот, нашите деца подобро го зборуваат англискиот од мајчиниот јазик. Сè повеќе ги забораваме националните културни обележја кои нè означуваат како посебни народи… Каква стратегија треба да има државата за да не ги изгубиме културолошките особености?

Тоа е важна работа на државата. Како што гледаме, некои тоа успешно го прават: оние што се веќе во ЕУ го прават тоа најдобро, со привилегии (Словенија и Хрватска), а некои и без тоа: Македонија тоа го прави најдоследно и најправедно и тоа во двете насоки. Им помага на писателите од надвор да ги објави на својот јазик и ги промовира (малку помалку) своите автори надвор. Но, пред сè, видлив е континуитетот на македонската љубопитност да дознава и понатаму што повеќе за Другите. Можеби затоа што и државата ги слуша мудрите и оние кои знаат што и како треба да се прави. Тоа не е случај во Србија. Културата ја презедоа неспособни и необразовани, а арогантни.

Политиката игра голема улога во стратегијата за зачувување на посебноста на балканските култури. И таа генерално не знае да ги најде суптилните граници меѓу светското и локалното. Оттука, во одбраната на сопствениот идентитет се води по грубо дефинирани критериуми и со тоа многу лесно се лизга во национализам. И тоа, на крајот на краиштата, никому не му носи ништо добро. Таа тенка нишка меѓу космополитското и домашното е всушност целата тајна на културната политика.

Деконструкција на системот на верувања и вредностите. Се случува ли некаков ресет во светот или ова е само една фаза во развојот на општеството, какви во историјата секогаш имало? Што по ова, дали ни престои конструкција на нови вредности и верувања?

Тешко е себеси да се ставите во каква било позиција на пророк по ова прашање. Сепак, јасно е дека целиот свет се преврте во нешто што до неодамна не беше: консумеризмот и брзината на сè што постои, а со тоа и површноста и неспособноста да се задлабочиме во што било, краткотрајноста на траењето на мислите и одржувањето на вредностите – се основните критериуми на т.н. модерно време. Изедначувањето на значењето на терминот современо со зборот модерно е катастрофално: непроверените и неквалитетни вредности ги претворате во трендови, а со тоа секоја борба за несомнени вредности ја квалификувате со веќе надминат поглед на свет, значи со застарен метод. Тоа, пред сè, е неточно, а потоа и опасно за учење на новите генерации за правилниот систем на вредности. Посакувам ова да беше само цивилизациска фаза, но не сум сигурен. Кога на сето тоа ќе ја додадеме погубноста на непросветленоста и нискиот стандард на поголемиот дел од Балканот, тогаш се плашам од она што може да ни се случи. Во такви услови, примитивизмот зема замав и со политичка манипулација гради непросветлена маса која не размислува за култура, туку за себичен опстанок, па дури и злоба кон Другиот и различниот.

Пандемија, страв од крај на светот, војна, економска, енергетска криза, застрашување дека ќе нема храна. Како човек може да се избори со ова што се случува? Оној кој чита, има сознанија и информации и можеби може полесно да се соочи со предизвиците. Што се случува со луцидноста, уметноста, револтот, револуциите?

Суштинското прашање е: Што кој чита? Ако читате (и гледате) таблоидизирани медиуми, тогаш не ви се пишува добро. Тие се хранат со преувеличување на настаните: ги претвораат во катастрофи. Писателот настанот го претвора во доживување, бидејќи тоа навистина е животна вистина и начин правилно да го видиме светот и себеси во него. А според медиумите, секоја вест е хаос, скандал, ужас, катаклизма, влевајќи што е можно поголем страв во коските на малиот поединец, кој од тој страв ќе биде послушен и лесно ќе се обликува, како скулпторска глина. Оној што чита книги секако делумно ќе се одбрани од ова бомбардирање со естрада и црнила, но и нешто ќе научи или во себе ќе потврди. Нема да ја избрка лошата неминовност, но ќе се потсети дека делумно е кројач на сопствената судбина. А кај добрите книги и талентираните писатели, сè уште лесно се пронаоѓа таа „безбедна куќа“.

Креативноста е втерана во ќош. Во такви услови се залагам за интелектуален и креативен анархизам. Само тој со својата непредвидливост може да ги заплаши слугите на стравот. Дали тоа е увод во револуција? Ако не во колективната, секако во индивидуалната. А, пак, нè учеа дека заедницата ја чинат поединци, како што рок бендот е составен од неговите членови. Кај писателите, нераскинлив дел од книгите се и читателите, а кај музичарите – слушателите. Така се гради маса…

Каква е улогата на уметникот, писателот, творецот на мислења, па и новинарот во ова време? Кое е неговото влијание? Или и тој е само дел од системот на репресија врз масите во овој неправеден свет на консумеризам, во кој средната класа изумира, а само елитите ќе уживаат?  

Тоа што јас и вие го правиме не би го нарекол „улога“. Затоа што тогаш од сопствената оригиналност правите невозможна и непостоечка множина. Мислам дека секој новинар (а јас тоа бев повеќе од четврт век во сите медиуми, а подучував и други) има своја уникатна оригиналност, како и писателот на книги. Секој посебно треба да си го најде својот глас и преку него да влијае на јавноста. Се разбира, зборувам за вистинските новинари и оригиналните писатели. Медиокритети има насекаде. И во литературата, здодевните книги честопати се полоши од лошите.

За елитите на Балканот не би сакал да зборувам. Сите тие ни се исти. Кога тие би го дизајнирале светот, многумина од нас не би им биле потребни. Всушност, веќе и многу им пречиме. Како кралот Иби, тие не би го смениле она што не чини во државата, туку попрво би го смениле народот (да го заменат). Ним им се доволни пари, кич во сè, а особено во изгледот, пејачките и сплавовите… Тоа е врв, брат!

Добитник сте на повеќе награди. Наградата го прави препознатлив младиот автор, ги потврдува вредностите на оној кој веќе е етаблиран. Што мислите за Нобеловата награда за книжевност, политичките критериуми ја означуваат или, сепак, останува една од најреномираните која некој автор може да ја добие?  

Според својот личен пример, имам две размислувања за наградите: понекогаш, кога си млад, некои навистина те туркаат понатаму: писателот е мотивиран, а јавноста (повеќе) дознава за вас. А кога ќе поминете одредена километража, станувате амбивалентни кон нив. Тогаш еднакво скромно ја сфаќате и добиената значајна награда, но и некоја која сте ја примиле, а која можеби навистина не сте ја заслужиле. Ако ништо друго, тоа е здраво. Во никој случај не е ниту почеток ниту крај на (книжевниот) свет.

Нобеловата награда, и покрај сите контроверзии што ги носи со себе, остана главно книжевна. Мојата „Геопоетика“ е ексклузивен издавач на неколку нобеловци и од времето кога некои од нив беа многу далеку од наградата. Можете да го сметате Орхан Памук за премногу класичен автор, но не можете да му ги оспорите високите книжевни вредности. Одбив да го „бранам“ Боб Дилан не само затоа што тоа нему не му е потребно, туку затоа што тоа би било навредливо за неговата поезија. Затоа што тој отсекогаш бил одличен поет, а не само кантавтор и „предводник на генерацијата“. Меѓу нашите автори, па дури и пријатели (а тука мојата истовремена позиција како писател и издавач се покажува како предност) е и Питер Енглунд, историчар, долгогодишен генерален секретар на Шведската академија и на Нобеловиот комитет за литература. Тоа е човекот кој не само што одлучуваше за победниците, туку излегуваше пред медиумите за да го објави добитникот на Нобеловата награда за литература. Тој човек го прифати насловот на книгата на српски јазик што на времето му ја подготвивме (како избор на текстови од неколку томови), која му ја предложив (Мали истории) со зборовите: „Прекрасно! Отсега ќе барам од сите издавачи да го користат тој наслов“.

Јас поради тоа не добив Нобел, но Енглунд доби пријател кој знае да слуша. Сакам да кажам дека сите ние и понатаму треба да учиме од другите и никогаш да не си бидеме доволни сами на себе. Без оној Другиот не се може, и не треба да се може.

Можете ли да ни откриете на што работите во моментов, која е темата што заслужува да биде во фокус на Ваша обработка, што е Вашата преокупација?

По подолга пауза (иако сум познат по нив), пишувам книга за некои искуства од Америка од средината на 80-тите години на минатиот век. Не како за носталгична доба (тоа не го направив ниту во „Хроника на сомнежот“, последната книга преведена на македонски јазик), туку за една поинаква доба во која креативноста беше врвна вредност и светот беше убеден (дури и во илузија) дека уметноста го одржува овој свет стабилен и убав, а и дека светот се држи до неа. Дури и кога не ја разбира, но, за секој случај. Штета нема, т.е. немаше. Тоа сигурно го знаеме. А можеби и не го знаеме; на крајот на краиштата, работниот наслов е „Истрел во празно“.