Ексклузивно за весникот ВЕЧЕР, д-р Данилоски од Њујорк универзитет: Коронавирусот е паразит, откривме кои гени се неопходни за инфекцијата!

Веста за научникот од Македонија од Њујорк универзитетот и за неговото фасцинантното откритие за ефикасно спречување на вирусната инфекција на човекови клетки, која весникот ВЕЧЕР ја објави пред неколку дена, предизвика неверојатен интерес во јавноста, со што влезе во категоријата на најчитани и најсподелувани вести во земјава и во регионот. Текстот се најде во речиси сите македонски медиуми. Тоа беше повод весникот ВЕЧЕР за големото откритие да поразговара со д-р Данилоски. Во онлајн интервјуто, нашиот соговорник открива многу интересни моменти за неговата научноистражувачка работа, за новите резултати од истражувањето поврзано со ковид-19, кое беше објавено во престижното научно издание „Cell“ (клетка) како и за неговата кариера, која е импозантна за неговите 30 години. „Науката е макотрпна наука и се движи инкриментално, или чекор по чекор. Моето истражување е само еден мал чекор во таа насока. Се надеваме дека со нашето откритие и дополнителни клинички испитувања ќе се придонесе за поефикасни третмани во иднина“, вели нашиот соговорник…Младиот научник, доцент д-р Данилоски, е израснат во Кичево, до средното училиште живеел во Македонија, додипломски студии завршил на Јакобс Универзитет во Бремен, Германија, насока Молекуларна и клеточна биологија, а магистратура и докторат во Њујорк универзитет – Медицински центар, Њујорк, Америка, каде што моментално работи како доцент доктор. Таму, има можност да применува најнови биотехнолошки методи за манипулација на човечкиот геном, за да открие и да развие нови третмани во лекување на ракот. Данилоски е еден од научниците кои се високовреднувани во развиениот свет, за своите истражувања е добитник на неколку меѓународни признанија.

8208

Елизабета АРСОСКА

Можете ли да ги објасните резултатите од истражувањето во врска со вирусот ковид-19 што беше објавено во престижното научно издание, за кое весникот ВЕЧЕР веќе информираше? За што конкретно станува збор?

-Во моментот кога го започнавме истражувањето, многу малку се знаеше за коронавирусот SARS-CoV-2. Корона вирусот е паразит и како и сите други вируси зависи од клеточните механизми за ефикасна инфекција на човековите клетки. Користејќи напредна технологија одлучивме да го одговориме прашањето како SARS-CoV-2 инфицира човечки клетки. Истражувањето беше успешно и откривме кои гени се неопходни за инфекција. Дополнително, дел од тие гени бие таргетирани со мали хемиски молекули (народски кажано лекови) и тие успешно ја спречија вирусната инфекција врз човечки клетки. Потребни се дополнителни клинички тестирања да се утврди дали истите би имале ефект врз пациенти.

Каква е Вашата моментална позиција на универзитетот „Њујорк“ во Центарот за геномика?

– Моментално работам како доцент до на универзитетот „Њујорк“. Пред појавата на ковид-19, работев на развивање и усовршување на биотехнологија за корекција на генетски болести. Меѓутоа со појавата на ковид-19 во Њујорк беше воведен полициски час и ни беше наредено да работиме од дома. Јас како научник, истражувач, сакав да придонесам на општеството преку истражување на ковид-19. Така започнаа моите авантури во полето на ковид-19.

Ковид-19 е вирус кој го смени светот од корен. Може ли да ни откриете, дали е тоа вештачки вирус или е вирус непознат за научната фела?

– Ова прашање е мошне контроверзно. Според мене во моментов е тешко со сигурност да се каже дали вирусот SARS-CoV-2, што предизвикува КОВИД-19, е вештачки (лабораториски) создаден или природно создаден по пат на вирусна еволуција.

Ваша амбиција и приоритет е да откриете и да развиете нови третмани во лекувањето на ракот, но Вашето откритие за ковид-19 е фасцинантно. Имаат ли нешто заедничко овие две смртоносни заболувања?

– Да, за време на мојот докторат моето истражување беше концентрирано на развивање на третмани на ракот. Јас сè уште сум заинтересиран на проучување на оваа тематика. Со појавата на КОВИД-19, моите приоритети привремено се променија и одлучив на неколку месеци да работам на КОВИД-19 сè со цел да придонесам на решавање на овој проблем кој го погоди целиот свет.

Има ли ковид-19 врска со генетиката?

– Прашањето дали ковид-19 е поврзан со генетиката на луѓето е интересно. Во моментов ова е прашање од интерес во научните кругови. Има сознанија дека генетски промени во локус на хромозом 3 влијаат врз подложноста од ковид-19. Користејќи го нашето истражување како основа, соработуваме со научно-истражувачка група од областа на хуманата генетика за да го одговориме токму ова прашање. Се надевам дека во иднина би имале повеќе информации на ова поле.

Како во пандемијава треба да се однесува секој поединец?

– Во текот на пандемијата неопходно е да секој поединец се придржува на препораките на медицинските лица. Тоа вклучува, носење на маска, дистанцирање, избегнување на собири, одржување на хигиена на рацете, се со цел да се намали пренесувањето на вирусот од човек на човек. Разбирам дека ова е многу тежок период за сите нас, но е неопходно да сите ние се придржуваме кон овие препораки за мерките да имаат ефект.

Кога најреално можеме да очекуваме ефикасен лек, односно вакцина против корона-вирусот?

– Тешко е да се каже со сигурност. Моментално лекот Ремдесивир се користи за третман на пациенти со ковид-19 во Америка. Ремдесивир не ја намалува смртноста кај пациенти, но го намалува престојот во болница во просек од 15 до 10 дена. Имајќи го предвид големиот број на клинички студии се надеваме дека подобри лекови би се пронашле во наредните неколку месеци. Што се однесува на вакцините, очекувањата се вакцинацијата да започне кон крајот на годинава или почетокот на 2021 година, доколку вакцините се безбедни и клиничките испитувања покажуваат позитивни резултати кај веќе вакцинираните пациенти.

Што значи ова Ваше откритие за медицината, значи ли тоа дека ќе се најде лек против коронавирусот?

– Науката е макотрпна наука и се движи инкриментално, или чекор по чекор. Моето истражување е само еден мал чекор во таа насока. Се надеваме дека со нашето откритие и дополнителни клинички испитувања ќе се придонесе за поефикасни третмани во иднина.

Планирате ли Вашите истражувања да ги пренесете во Македонија? Имате ли план да се вратите во Македонија?

– Не ја исклучувам можноста да се вратам во Македонија во иднина и да го пренесам ова истражување и знаење на идните генерации на македонски научници.

Како се справува американското општество со ковид-пандемијата?

– Ковид-19 пандемијата преставува проблем и во Америка, како во и во остатокот во светот. Њујорк беше една од најпогодените сојузни држави во Америка на почетокот на пандемијата, при што беше воведен карантин сè додека ситуацијата не беше воведена во нормала. Моментално бројот на дневни инфекции во Њујорк се контролира доста добро. Според мене, дел од решението се сведува на распространетото и ефикасно тестирање за ковид. Њујорк државата има околу 20 милиони жители и дневно тестира во просек 100,000 жители, што претставува околу 0,5% од вкупното население на ден. Тоа им овозможува на властите да ја спречат појавата на кластери уште во раните фази, држејќи го бројот на инфицирани на ниско ниво.

Фасцинантно откритие на Македонец – ефикасно спречување на вирусната инфекција на човекови клетки!