Ексклузивно весникот ВЕЧЕР во прошетка низ Скопје со Атиџе Муратова: Среќна сум, пеам и го живеам својот живот!

Едноставна, a комплексна... Обична но, неверојатно невообичаена... Жена, но пред сè човек... Таа е Атиџе Муратова, хероината од оскаровскиот документарец „Медена земја“, која викендов беше на гости во Скопје и со задоволство ја прифати поканата за ексклузивен разговор за роденденскиот број на весникот ВЕЧЕР.

1773

Елизабета АРСОСКА

Фото: Ѕвонко ПЛАВЕВСКИ

Атиџе Муратова не е обичен соговорник. Таа е лик пред кој паѓаат во вода сите претходно подготвени прашања и пред кој однапред подготвената концепција разговор, не важи. На договорената средба дојде со познатата пејачка и водителка Сузана Турунџиева, која викендов беше нејзина домаќинка и со која планираат неколку заеднички проекти.

– Сузе е моја прва и последна другарка. Кога се видовме првпат, си помислив како дека се знаеме одамна. И таа ми го рече истото. Некако се разбираме. Ме прими дома, а тоа за мене значи многу, вели нашата соговорничка. Беше одушевена од викендот исполнет со многу активности, интересни луѓе, со многу пеење, изложби и шопинг. Заедно со нејзината домаќинка била и на целосен лекарски преглед, а веќе договориле и целосна корекција на забите.

Едно претпладне уживаше и во центарот за убавина Афродита С, каде што беше инспирација на познатата стилистка Наташа Ристевска.

-Сузе ме прошета на многу места. Бевме на изложба на слики, шетавме по продавници, купувавме, ме однесе во училиштето каде што е професорка. И многу пеевме. Стари македонски песни ама и стари турски, кои татко ми ми ги пеел. Јас многу сакам да пеам, исто како и Сузе. Имаме план да снимиме дует, да снимаме многу песни, а во преговори сме и за телевисиски проект, открива Атиџе.

Таа е вистинска ѕвезда. Во урбано издание, модерно облечена, со фризура и дискретна шминка, нејзиното присуство во центарот на Скопје предизвика големо внимание. Луѓето ја препознаваа и покрај тоа што носеше маска, ја застануваа, сакаа да се сликаат со неа, а таа ја вадеше маската и позираше. Имаше трпение за сите. Се гледа дека популарноста, не само што не ѝ пречи туку, напротив, ужива во неа. Ги поздравува сите, разговара со нив.

-Убаво ми е кога сум меѓу луѓе, самотијата убива. Јас свесно сум останала сама. Заради мајка ми не сум се омажила, сум имала понуди, ме барале дури од странство, ама јас знаев дека мајка е една и не треба да ја оставам, не треба да ја напуштам. Само заради мајка ми целиот свој живот го оставив на страна, останав во Бекирлија, раскажува нашата соговорничка. И ваднаш потоа ќе рече „Каменот е најтежок на местото каде што стои. Убаво ми е во Скопје, убаво ми е и во Дорфулија, но Бекирлија не ја давам ни за Холивуд! Таму сум се родила, таму сум живеела, таму се родиле моите дедо, прадедо, таму е гробот на татко ми, на мајка ми, на сестра ми…Таму се моите пчели. Таму е мојот рај, мојата медена земја“.

Она што го најави е нејзината биографија ,која е во подготовка и наскоро ќе излезе од печат, а се вика „Патот на Атиџе“  и ќе ја промовира заедно со продукција „Аристо“н. Во книгата, младиот Никола Ристевски ја запишува приказната што му ја раскажувам за мене и за мојот роден крај, открива нашата соговорничка.

По разговорот со Атиџе се наведувате на размислување на многу нешта на кои ретко обрнувате внимание. На нејзин начин, суптилно, соопштува дека единствено нешто што му недостасува на човештвото е љубовта. Неколкупати низ разговорот повтори и дека само добрината може да го спаси светот.

На прашањето каде се гледа себе си во иднина, едноставно одговара дека за прв пат го живее својот живот и сака да прави „од добро, подобро“. „Сакам да помагам најмногу на деца, на болни и на стари“.

МН: Што се смени од доаѓањето од Холивуд?

На прашањето што се смени од нејзиното доаѓање од Холивуд до сега, одмавнува со главата.

-Ништо не се сменило. И затоа сум многу тажна, вели таа.  Неколкупати спомена дека многу ѝ е жал што Љубо и Тамара (Стефанов и Котевска, режисерите на Медена земја нз.) не ја побарале воопшто откако се вратија од Америка. „Јас многу пати ги барав, они не ми враќаат и сега мене ми се срамно да ги барам. Ако не се средат некои работи, ќе се јавам за последен пат, ама тоа за крај ќе биде, вели Атиџе, која и оваа ситуација ја припишува на корона-пандемијата. „Филмаџиите ветуваа дека куќата ќе биде, нешто да имам и јас, ама на тоа остана. Ми подарија куќа ама таа е стара, изградена во 1967 година, не е доправена и треба многу пари за да се уреди, а јас ги немам. Очекувам и државата да ми возврати, да направи нешто за мене бидејки, јас многу убави работи направив за неа. Ама, тоа треба некој да го цени, јас не можам со сила да земам. Пак си велам, може да е тоа од короната, надежта не ја губам, вели нашата соговорничка.

Мн: Бекирлија ќе станеше туристичка атракција да имаше пат

Атиџе открива дека после „Медена земја“, Бекирлија стана многу популарна за туристите не само од државава туку и од странство.

-Има многу луѓе кои се интересираат како да дојдат. Имаше групи од Турција, од Хрватска, имаше дури и Германци кои сакаа да снимаат филм, ама како кога нема пат?! Пешки 35 километри тешко се одат, вели Атиџе.

МН: Медот е вистинскиот лек за сите болести, па и за короната

Атиџе вели дека медот и производите од мед се вистински лек за секоја болест ,па и за коронавирусот.

-Не сум доктор, но знам дека лекот е во природата, во медот, во прополисот, во матичниот млеч. Во тек е процедурата за заштита на моите производи, така што ќе имам брендиран производ кој кога ќе се продава ќе се знае од каде потекнува. Природниот мед е многу редок и затоа го бараат од сите страни. За жал, оваа година родот беше многу мал. Ќе оди повеќе за пчелите, поламку за мене, вели нашата соговорничка.

Таа вели дека не била болна од корона, дека не е точно тоа што некои портали го објавија.

– Не, не сум имала корона. Ама пак, јас за секоја болест препорачувам да се пијат многу природни чаеви и мед. Медот е природен лек, затоа пчеларите не фаќаат ни корона, се смеа Атиџе. Додава дека не сака да носи маска бидејќи од маските не можат да се видат насмеаните лица.

МН: Политичарите да мислат малку и на народот, не само за себеси!

На македонските политичари им порачува да мислат малку и на народот, не да мислат само за себеси. Не е задоволна од правниот систем, од правдата која со години ја чека. И натаму е нерешен судскиот спор со соседот кој секојдневно ѝ прави проблеми. „Неговото куче ме нападна, ме осакати. Ми ги краде пчелите и секој ден прави некоја нова беља. Ми го урна и ѕидот од шталата каде што ја чував кравата. Ако ми побегне, со кои пари ќе купам нова? Тој ми прави проблеми и во Дорфулија, и таму сме соседи. Се судиме, ама џабе, лекарот му дал документ дека е будала, вели Атиџе.

МН: За роденденот на ВЕЧЕР

Вечен да биде роденденот! За многу години и уште поубав успех да имате. Во Бекирлија нема весници и кога некој ќе донесеше или ќе најдев некои стари, многу ми беше убаво која ќе ги вртев и ќе ги разгледував. Знам дека и во ВЕЧЕР  пишувавте за мене, за „Медена земја“, за успехот на филмаџиите и затоа сум многу среќна. Да сте здрави и живи!

ВЕЧЕР денеска го слави 57. роденден