ЕКСКЛУЗИВНА РЕПОРТАЖА НА ВЕЧЕР: Скопје има Зелена Република – органска храна од семка до краен потрошувач!

1530

Брат и сестра создале зелена оаза каде што секој може да дојде и сам да си набере органски зеленчук. На еден хектар земјиште во скопско Зелениково, наследено од родителите и дел докупено, двајцата млади ентузијасти направиле мала зелена оаза на која произведуваат претежно листест зеленчук. На нивниот имот на кој се особено горди, како што велат произведуваат храна која не само што е нутриционистички богата со здрави хранливи состојки, туку и вкусна и изгледа убаво кога ќе се види. – Кога брат ми и јас го започнавме овој бизнис за мене значеше чекорење во 21 век, во иднината, бизнис одговорен кон човекот, кон здравјето, кон околината, кон земјата. Бизнис што се потпира на најважната основна гранка на секоја земја – земјоделството и производството на храна, гранка врз која се развиле и која го носи на своите плеќи стопанството во најразвиените земји во Европа денес, ни рекоа Васил и Милица Петрушевски

Брат и сестра заеднички водат бизнис со производство на органска храна, претежно зеленчуци. На еден хектар земјиште во скопско Зелениково, наследено од родителите и дел докупено, двајцата млади ентузијасти направиле мала зелена оаза на која произведуваат претежно листест зеленчук и тоа марула, рукола, блитва, спанаќ, целер и слични сезонски земјоделски производи, но и други зеленчуци, како грашок, боранија, домат, пиперки, краставица, тиквица….

Екипа на весникот ВЕЧЕР ги посети на нивниот имот во Зелениково на кој се особено горди, што, како што велат произведуваат храна која не само што е нутриционистички богата со здрави хранливи состојки, туку и вкусна и изгледа убаво кога ќе се види.

– Тоа што лично многу ми пречеше кога почнавме да се занимаваме со оваа работа е начинот на кој се перципира земјоделската дејност во државата. Како да се работи за помалку вредна и помалку важна дејност. За мене лично, зашто потекнуваме од земјоделско семејство – мојата баба по татко со својата работа по ниви изгледа и образува четири деца (од кои три со високо образование), допирот со земјата, со растението, со нивата, ми било допир со животот, нешто возвишено. Таков однос имаше мојата баба, со која израснав тука, на нашата викендичка секоја сабота и недела. Знаеше да каже – земјата ни е мајчичка, нè храни, не може да биде валкана, ако паднало на земја, дувни го, чисто е, јади. Денеска го користиме нејзиното семе за домат – вели сестрата Милица Петрушевска.

Таа и брат ѝ Васил Петрушевски иако имале редовна работа, пред пет години одлучиле да ја напуштат и да направат нешто свое. Милица вели дека и двајцата имале можност да заминат надвор, таа да почне академска кариера на факултет во Гостивар, а Васил работел како систем-инженер во приватна штедилница во Скопје. Сепак, се одлучиле за ваков бизнис со кој сакаат да промовираат одредени вредности во кој верувале и веруваат.

– Кога брат ми и јас го започнавме овој бизнис, за мене значеше чекорење во 21 век, во иднината, бизнис одговорен кон човекот, кон здравјето, кон околината, кон земјата. Бизнис што се потпира на најважната основна гранка на секоја земја – земјоделството и производството на храна, гранка врз која се развиле и која го носи на своите плеќи стопанството во најразвиените земји во Европа денес – Италија, Франција, Шпанија, Холандија, Швајцарија. За плодни почви, зачини и храна меѓу другото, се воделе војни и се колонизирале територии. Јас влегов со оваа приказна во нашиот бизнис. Запрепастена бев од реалноста со која се соочив. И да, сакам да ја сменам таа перцепција, низ сопствениот пример, низ нашата приказна. Да покажеме дека храната е премногу битна и за секој поединец и за целата држава, а нејзиниот начин на производство – и за целата планета, и треба да биде третирана на тој начин, и таа и тој што ја произведува – со емоции ни раскажува Милица.

Целата приказна за нивниот засега скромен бизнис го повлекол Васил, а Милица му се приклучила. И немале да успеат ако не добивале и сè уште добиваат поддршка од двете професорки од Земјоделскиот факултет во Скопје, Гордана Попсимонова и Рукије Агиќ, како и од консултантот од Д2М, Михаил Китановски, кој им е достапен 24/7 за сите организациски и бизнис моменти. Помош редовно добиваат и од нивното потесно и пошироко семејство. Сепак, најголемата поддршка ја добиле од Фондот за иновации и технолошки развој од каде го препознале нивниот бизнис модел што може да даде високвалитетни производи и додадена вредност на пазарот. ФИТР практично финансиски ги поддржал при дизајнирање на производите и во пилот линијата за послебербениот процес и дистрибуцијата.

– Зелена република е брендот што го развивме со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој. Под овој бренд ќе почнеме да ги продаваме нашите производи наскоро, а преку него сакаме да ја промовираме и приказната во која веруваме дека секој од нас може да направи многу во својот краток живот, за себе, за другите и за идните генерации, преку своите секојдневни мали избори. Може да направи многу – прво за своето здравје, за здравјето на своето дете и на поширокото семејство, за здравјето на локалното стопанство, но и за здравјето на планетата Земја – само со еден мал избор, да купи органско – нагласува Милица.

Таа вели дека таа е главниот дизајнер на производите, поточно ги одбира кои растенија ќе ги засадат, со која боја, во која форма ќе израснат и како ќе ги комбинираат за да стигнат до крајниот производ.

– Особено внимавам да имаме нови и атрактивни производи кои освен што се вкусни да имаат и висок квалитет што ќе ги задоволи потребите на купувачите, а тоа е во едно пакување да има салата за една порција, да има баланс на хранливи состојки, да биде естетки убава и да може лесно да се подготви во кујна. Многу внимавам што садиме. За в година на пазарот ќе понудиме малабарски и новозеландски спанаќ – објаснува Милица.

Целата обработка на земјиштето и негата на зеленчуците е во рацете на Васил. Велат дека производите ги берат многу рано наутро, ги мијат, ги пакуваат рачно и ги складираат до следната дистрибуција, сè со цел производите да не го изгубат квалитетот.

– Не можете само да кажете дека произведувате и веднаш купувачи ќе ви затропаат на врата. Треба сами да го оформите пазарот. Денес секаде во светот се произведува храна, но тешко се пласира, затоа мора да ја најдете врската меѓу производите и пазарот. А и самиот производ мора да привлекува со вкусот и изгледот и да му биде достапен на купувачот. Ние овде го имаме затворено тој циклус – од семка до крајниот потрошувач. Човекот кој ќе отиде во супермаркет бара еден производ, домат на пример, но на пазар се бара друг иако станува збор за ист производ – вели Васил.

Нивните производи освен што можат да се најдат во супермаркетите и во пазарите на Скопје, Васил вели дека можат да се најдат и кај нив на имотот.

– Таргетираме различни видови на потрошувачи преку разни продажни канали, а крајна цел ни е секој да може да си дозволи квалитетен органски производ кој што е физички достапен до нив. Едноставно, дојдете кај нас. На лице место ќе видите како се произведуваат, да го почувствувате нивниот вкус и мирис и да си наберете сами што сакате и колку сакате и да ја почувствувате магијата на животот тука со нас. Тука може да си поминете еден убав активен викенд дојди-набери – нагласи Васил.

Овие вредни луѓе имаат големи планови за во иднина, чистото производство, велат, ќе им остане знакот по кој ќе останат препознатливи и во наредниот период без да ја загадуваат животната средина.

– Производството ќе ги прошириме, што значи развој и соработка со кооперанти под нашиот бренд Зелена Република (Green Republic). Сакаме дел од нашите ниви да станат место за активен одмор на скопјани, сакаме да промовираме претприемништво во земјоделството и во индустријата со органска храна, сакаме да развиеме едукативни програми за училиштата, сакаме да промовираме органско мени во ресторани, сакаме да развиваме нови производи и нови технологии. сакаме да станеме центар на знаење за органското производство и промотери на здрав и одговорен активен живот. Нашите планови се долгорочни и не се откажуваме. Полека, полека – имаме време до крајот на животот – нагласуваат овие двајца вредни луѓе.

Државата историски била ориентирана кон примарното земјоделско производство, не кон краен производ

Милица вели дека историски државата била ориентирана кон примарното земјоделско производство, не кон краен производ. Затоа денеска услужните дејности и експертизата што се неопходни да се дојде до готов производ со додадена вредност не се доволно развиени за да можат соодветно да го поддржат крајниот производ.

– На пример, биоразградлива амбалажа, таква што се распаѓа до компост без технолошка интервенција, не е достапна во државата. Во принцип, се работи за многу нови технологии што сè уште се пробиваат на европскиот пазар и кои не се целосно комерцијализирани, па глобално земено количините се ограничени и главно се насочуваат кон поголемите пазари. Македонското стопанство, од мала земја со мал пазар, со ограничени капацитети за извоз на крајни производи со додадена вредност, речиси да нема достап до овие технологии. Така, за да понуди конкурентен производ на македонскиот пазар, во склад со потребите на крајниот потрошувач, и доследно на својата мисија, нашата фирма „Аквапоника“ постојано иновира и развива сопствени знаења и технологии во органското производство и во послебербените процедури – истакнува Милица Петрушевска.

(С.Бл.) – Фото: П.Стојановски