Златен воин од територијата во Казахстан каде што војувал Александар Велики – во Скопје

242

Како што посочува Нуразкхан Алмаз Шајкенович, директор на Националниот музеј на Казахстан, „Златниот човек“ од 5 век пред. н.е. се смета за симбол на Казахстан, откритие на векот. Научниците го идентификуваат како 18-годишен воин на народот Сака. Откриен е во тумуларна гробница во Исак, во близина на градот Алмати во 1969. Неговата облека – кошула, чизми и накит за глава е покриена со неколку илјади златни апликации

Златниот човек од 5 век пред н.е., познат и како казахстански Тутанкамон, пронајден на територијата на Казахстан, по која поминал и Александар Велики во своите освојувачки походи кон Индија, ќе биде прикажан од денеска 11 јули (19 ч.) во Археолошкиот музеј во Скопје.

Ексклузивната изложба, која содржи и голем број други ексклузивни наоди, насловена „Великата степа: Историја и култура“, која е во рамките на интернационалниот проект „Процесијата на Златниот човек низ музеите ширум светот“, македонската публика има можност да ја види до 11 август. На вчерашната прес-конференција и од казахстанска и од македонска страна беше потенцирано дека историите на двете држави имаат допирни точки, меѓу другото и преку овој наод.

„Допирните точки најмногу потекнуваат од фактот што територијата на Казахстан, каде што се пронајдени наодите претставени на изложбата, се територии кои во свои освојувања ги поминал и Александар Велики на патот кон Индија. Сите историски податоци кои ги имаме за овие простори ги имаме од античките извори кои на тој начин ја прават оваа територија поблиска и податоците можеме да ги поврземе со античката македонска историја“, вели Елеонора Петрова, директор на Управата за заштита на културното наследство, која зборуваше во насока на доближување на казахтанската култура со културата на нашите простори.

Во одредени историски податоци стои дека во 329 пред. н.е. Александар Велики и неговата македонска војска се борела во битката кај Јаксарт против Скитите по должината на реката Јаксарт, сега позната како Сир Дарја, долж јужната граница на денешен Казахстан.

Според директорот на Археолошкиот музеј, Горан Санев, главната цел на изложбата е запознавање со богатото историско и културно наследство на Казахстан. Во фокусот на изложбата пак, е токму едниот од неколкуте пронајдени златни воини од Казахстан.

Како што посочува Нуразкхан Алмаз Шајкенович, директор на Националниот музеј на Казахстан, „златниот човек“ се смета за симбол на нивната држава,  откритие на векот. Научниците го идентификуваат како 18-годишен воин на народот Сака. Откриен е во тумуларна гробница во Исак, во близина на градот Алмати во 1969 година. Неговата облека – кошула, чизми и накит за глава е покриена со неколку илјади златни апликации. Се претпоставува дека златните обетки и прстени кои се пронајдени во гробот, исто така, му припаѓаат.

„Меѓу пронајдоците се и таксајската царица, погребување целосно во златна облека со тринаесет коњи, а пронајдени се вкупно осум „златни луѓе“, но се претставуваме со „златниот човек“ пронајден во 1969“, посочи Шајкенович.

Посетителите на Археолошкиот музеј до 11 август ќе имаат можност да видат и 292 ексклузивни предмети меѓу кои: накит, предмети од рунски натписи, воена опрема, коњска опрема и традиционални ракотворби…

Влезот на изложбата ќе биде бесплатен.