Еко-патрола ќе го чува Вардариште

157

Инспектори од општина Гази Баба почнаа со патролирање низ дивата депонија Вардариште со цел да се спречи депонирање и согорување на отпад. Увид во состојбата со Вардариште направи градоначалникот Бобан Стефковски заедно со вработени од општинските инспекциски служби, кој и даде инструкции на еко-патролата да биде таму и во попладневните и во вечерните часови, со оглед на тоа што палежите се случуваат токму во тој период.

– Ќе се санкционира согласно Закон секој што ќе пали, согорува, депонира или на било каков начин ќе ја загадува животната средина – вели Стефковски.

Екологистот Дејан Димитровски смета дека еко-патролите нема да го решат проблемот, затоа што сегашните глоби се смешни, а од друга страна треба да се најде трајно решение за лицата фантоми кои живеат на депонијата и ги прават палежите, а не плаќаат казни затоа што се социјални случаи.

– Кога малку подобро ќе ги познавате состојбите на Вардариште, ќе знаевте дека ова во моментов е невозможна мисија. Пет години сум присутен на сите депонии и со посети, стражи и многу фатени случаи на одложувачи на шут и палење бакар. Овој проблем, ако не се фати да се реши од корен и понатаму ќе се игра мачка и глушец – вели Димитровски.

Тој ја објаснува шемата како тие што палат бакарни кабли, не можат да бидат фатени од комуналните редари.

– Тие што палат бакар одат на средина на депонијата и кога ќе го запалат – бегаат. Во меѓувреме доаѓаат комунални редари и наоѓаат само оган. Утредента истите тие што палеле доаѓаат и си го земаат готовиот производ. И во најдобра варијанта, да бидат фатени на лице место, истите тие кои се дел фантоми, а дел социјални случаи, не плаќаат никакви казни – појаснува Димитровски.

Вели дека одлагачите на градежен шут не се кријат ако бидат фатени на лице место, затоа што глобата е 50 евра и тие веднаш потпишуваат да платат бидејќи од еден камион имаат заработка и над 200 евра.

– Така што џабе се и инспектори и редари доколку глобите и механизмите на делување останат вакви какви што се. Од друга страна доколку не се реши социјалниот дел кој требаше многу одамна Министерството за труд и социјала да направи, а тоа е дислокација и ресоцијализација на овие луѓе, кои, освен од вакви дејанија, немаат никаков друг начин на заработка. Тука, за жал, општината е немоќна нешто да направи – констатира Димитровски.

(С.Бл.)