Економијата се раздвижи, просечната инфлација 1,4 отсто

61

Монетарната поставеност соодветна на постојните економски и финансиски услови, а економските фундаменти се здрави и без присуство на нерамнотежа во економијата, заклучи Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на својата редовна седница.

-По намалувањето на каматната стапка во март, на оваа седница Комитетот оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што одлучи каматната стапка на благајничките записи да остане на истото ниво од 2,25 отсто. Исто така, на седницата се одлучи понудата на благајнички записи за аукцијата што ќе се одржи на 15 мај 2019 година да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари, соопштуваат од Народната банка.

Во однос на најновите макроекономски показатели, од Народната банка наведуваат дека по релативно солидниот раст на економијата во 2018 година, досега расположливите високофреквентни показатели за економската активност во првото тримесечје на 2019 година упатуваат на натамошни поволни поместувања во економијата, видливи преку забрзаниот раст на индустријата и трговијата, при истовремен натамошен, но поумерен раст кај градежништвото.

Просечна годишна стапка на инфлација остварена во првите четири месеци изнесува 1,4 отсто, при очекувања за стапка на инфлацијата од 1,5 отсто за целата 2019 година. Ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година засега од Народната банка се оценуваат како урамнотежени.

Кај монетарните движења, како што стои во соопштението, забележан е солиден месечен прираст кај вкупните депозити, што во еден дел произлегува од растот на штедењето на домаќинствата, а делумно е одраз и на растот на корпоративните депозити. На кредитниот пазар, во април продолжен е месечниот раст на кредитите, при раст на кредитирањето и на домаќинствата и на корпоративниот сектор.

Растот на ликвидните средства во банкарскиот систем во овој период, и покрај сезонски повисоката побарувачка на денарска готовина, според Народната банка е поврзан со ликвидносниот ефект на трансакциите на државата и интервенциите на Народната банка за откуп на 29 милиони евра. Релативно високиот откуп на девизи од страна на Народната банка е остварен во услови на сезонски зголемена понуда на девизи на менувачкиот пазар пред велигденските празници и пониска месечна нето-побарувачка на девизна ликвидност од фирмите.