Еколошкиот аспект најзапоставен:Европскиот суд ја оцени политиката на ЕУ кон лозарството како лошо вино

56

Политиката на ЕУ кон лозарството има „вкус на плута“ – како лошо вино и „неизвесно влијание“ врз конкурентноста на оние кои се вклучени во него и е многу недоволно во однос на еколошките барања, оцени Европскиот суд.

Со 2,2 милиони лозја, на ЕУ отпаѓа 59 отсто од светското производство на вино. Како дел од Заедничката земјоделска политика (ЗЗП), ЕУ им плаќаше 500 милиони евра годишно на своите лозари од 2014 до 2023 година за да им овозможи „преструктуирање на лозјата и зајакнување на конкурентноста“.

Резултатите беа неубедливи, оценија експертите на Судот во понеделникот по ревизијата во Франција, Италија, Шпанија, Чешка и Грција.

Проектите беа финансирани „без разлика на содржината или амбициите, без да се земат предвид критериумите за зајакнување на конкурентноста“, што сето тоа доведе до финансирање на „неструктурни промени, па дури и вообичаена замена на остарените лози“, што инаку не е прифатливо при аплицирање за овој вид финансиска поддршка.

Дополнително, од 2016 година лозарите можат да бараат дозвола за засадување на дополнителни винови лози со цел да се зголеми производната површина за најмногу еден процент годишно, но да се избегне зголемување на понудата. Таа регулаторна рамка е донесена „без анализа за да се провери дали би била релевантна“ и без критериуми за конкурентност.

Пред сè, Судот со седиште во Луксембург го критикува недостатокот на еколошки амбиции во политиката на Брисел за „реструктуирање“ на лозарството.

„Виното може да биде црвено, бело или розе, но неговиот начин на производство ретко е „зелен“ (…) Во пракса, европската помош не одеше за проекти кои ќе овозможат намалување на влијанието на лозарството врз климата и животната средина. „и, што е уште полошо, „може да даде спротивен ефект со фаворизирање на сортите грозје кои трошат повеќе вода“, предупреди Судот.

Така, годишното зголемување на лозовите површини од „еден процент од максимумот“ – мерка продолжена за дополнителни 15 години, до 2045 година, „никогаш не е вреднувано од еколошки аспект“, велат од Судот.

Новата програма на ЗЗП, која е во сила од јануари, сè уште не поставува никакви еколошки критериуми за финансирање на „реструктуирањето“ на лозарството, а земјите од ЕУ се обврзани да „користат само пет проценти од парите наменети за винскиот сектор за адаптација на лозарството на климатските промени, што е изненадувачки малку“, се предупредува во извештајот.

Европската комисија му одговори на Судот дека „несоодветните забелешки од Судот се однесуваат на имплементацијата на ниво на земјите-членки 2014-2022 година, но правната рамка на новата ЗЗП сега е многу различна во однос на целите кои се стремат – главно еколошки заштита и начините на имплементација“, со зголемената флексибилност дадена на државите, „особено да реагираат на нерамнотежа на пазарот“.