Единствениот виолински концерт на Бетовен и едно од неговите најлирски дела, во изведба на Јонијан Илијас Кадеша (Албанија/Грција) кој свири на виолина изработена од Џовани Батиста Гуаданини од 1749 година, ќе биде претставено пред македонската публика в четврток  (20 часот), во рамките на концертот „Бетовен:Редефиниција“ на Филхармонија.

Со оркестарот ќе диригира маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата се „Варијации на тема од Хајдн“, оп.56 од Јоханес Брамс и Концерт за виолина и оркестарот во Де-дур, оп 61 од Л.В.Бетовен.

Виолинскиот концерт во Де-дур оп.61 за виолина и оркестар од генијалниот Л.В.Бетовен премиерно бил изведен во Виена во 1806 година. Напишан е во еден од неговите најкреативни периоди, кога создал многу значајни дела. Му го нарачал виолинистот Франц Клеменет, кој сакал драматично дело за неговиот следен концерт. Бетовен го завршил за кратко време, непосредно пред концертот.

Иако Брамс, речиси секогаш се дефинира како ултимативен романтичар, тој од своите современици бил сметан за старомоден автор кој повеќе сака да се навраќа кон минатото, наместо да гледа кон иднината. „Варијации на тема од Хајдн“ се пример за неговиот интерес кон минатите стилови. Интересот на Брамас за Хајдн го поттикнал неговиот пријател Карл Фердинанд Пол, и под негово влијание тој почнал сериозно да ја истражува музиката на класичниот композитор. Така ја открил мелодијата позната како „Коралот на Св.Антонио“ која ќе стане основа за создавање на варијациите.

Јонијан Илијас Кадеша има грчко-албански корени, а живее во Берлин. Тој секогаш трага по имагинацијата на звукот, постојано барајќи нови звучни хоризонти. Кадеша веќе настапува на водечките светски сцени и на познати фестивали во Европа. Во август, 2020, по неколкумесечна коцертна пауза во германската престолнина, тој го отвори фестивалот на „Млади европски класици“ во Берлин. Настапувал и во Вигмор Хол, во Лувр, со Филхармонијата на Берлин, на фестивалот „Резонанс“ во Белгија… Како солист настапувал со повеќе оркестри во Европа.