Единствената балканска степа е во Овче Поле

103

Овче Поле зафаќа пространство од околу 60 километри во должина, и скоро толку во ширина, и е вистинска благодет за североисточна Македонија. На плодните ниви расте сè што ќе посеат вредните раце на овчеполци, храна има во изобилие и слободно може да се каже дека во овој предел од државата нема гладна година.

Има еден феномен во Овчеполието, а тоа е дека во атарите на Амзабегово, Црнилиште, Ќоселари, Ерџелија, Мустафино, Стањевци и долниот тек на река Брегалница, почвата е силно напоена со сол. Велат дека летно време кога има големи горештини, солта излегува на површината на земјата во вид на бел прав. Поради сличноста што ова подрачје ја има со вистинските степи, Овчеполието народски е познато како македонската степа. 

Во април и мај полето е полно со стада овци бидејќи сакат да јадат солена храна. По овој феномен кај мештаните е познато едно место кое го викаат Слан Дол, а името веројатно потекнува од “солен дол”, каде што почвата и сиромашниот растителен свет се многу солени. Се раскажуваат анегдоти дека во турско време кога се правеле курбани, пред да ги заколат овните ги праќале некое време на паша во Слан Дол. И кога ги колеле после тоа, месото им било жолто и неописливо вкусно.

Експертите велат дека станува збор за солени почви (степи) кои се уникатни на балканските простори и погоре посочените села се центри на ова наше природно наследство. Сувата и солена почва сведочи за геолошките трансформации во минатото и за влијанието на човекот врз природата.

По дефиниција, степа претставува екорегион во облик на пространа рамнина без дрвја, обрасната со треви и растенија кои поднесуваат суша. Солените почви се формираат со евапоризација (испарување) на влажноста во земјата во сушни предели. Освен во Овчеполската котлина, ги има поретко и во Пелагонија и во некои други котлини, но и на мали површини. Тоа се почви сиромашни со хумус.

Уникатноста на солените почви во Овче Поле беше причина за средба на врвни експерти за живеалишта од нашата земја и Бугарија на која се споделија искуства во однос на заштитата на овие важни и ретки типови на живеалишта.

 Манастирски даб благун во Овчеполско 

На северните падини од Богословец вирее дабот благун кој е многу редок и најчесто зачуван во старите црковни манастирски шуми.

– Благуновите дабови шуми се важни за заштита како нетипични заедници за подрачјето на Овче Поле. Ова шумско живеалиште досега не беше евидентирано за нашата земја – велат од Натура 2000.

Натура 2000 е најголемата мрежа на подрачја избрани за да се обезбеди долгорочен опстанок на највредното природно наследство на загрозени видови и живеалишта во Европа. Со воспоставување на Натура 2000 мрежата се обезбедува зачувување на широк спектар на ретки, загрозени и ендемични растителни и животински видови и околу 200 ретки и карактеристични типови на живеалишта кои се во фокусот за зачувување на земјите членки во Европската Унија.

(С.Бл.)