Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, освен на сцената на Театарот за деца и младинци, којшто е негов организатор, ќе се реализира и во Драмски, Театар Комедија, Македонскиот народен театар и на ФДУ во Скопје. Слоганот на годинашното издание е „Сè е твое!“ што означува светот ти е на дланка и е инспириран од едно писмо на нашиот Горан Стефановски, којшто го напишал за својата внука

Единаесет претстави на детски театри од Македонија, Србија, Хрватска, Италија, Франција, Словенија, Турција и Босна и Херцеговина ќе се изведат на 3. издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, што ќе одржи од 1 до 5 октомври во Скопје. Фестивалот, освен на сцената на Театарот за деца и младинци, којшто е негов организатор, ќе се реализира и во Драмски, Театар Комедија, Македонскиот народен театар и на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Слоганот на годинашното издание на ИФДТ „Игор Маџиров“ е „Сè е твое!“ што означува светот ти е на дланка и земен е од едно писмо на нашиот Горан Стефановски којшто го напишал за својата внука.

-Тешко е да се прави фестивал со мали финансиски средства и со мала сцена, но желбата е преголема. Сакаме нашата публика да ги види достигнувањата кои се  прават и надвор од нашата држава, рече на денешната прес-конференција Катарина Илиевска-Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци (ТДМ).

За селекторката на програмата Драгана Милошевски-Попова, фестивалот и ова издание донесува претстави кои публиката не е во можност да ги види редовно на репертоарот во нашата држава.

-Годинава имавме многу апликанти (театри и претстави) и тешко беше да се одлучиме за најтесниот избор, но и да одлучиме што можеме да си дозволиме како продукција да донесеме. Годинава на фестивалот има претстави од кои сите можеби не се најнови продукции, но се важни и не треба да се пропуштат. А за останатите претстави, кои сметавме дека се значајни, а не можевме да ги донесеме од финансиски причини, ќе се обидеме понатаму да ги прикажеме пред нашата публика, истакна Милошевски-Попова.

Отворањето на фестивалот е на 1 октомври, во 19:30 часот со претставата наменета за деца над 6 години „Не ме чекај“ на Театарот „Снег на трепките“ од Нант, Франција која ќе се изведе во ТДМ. Фестивалот продолжува на 2 октомври, на повеќе локации и во повеќе термини: во 11 часот во Театар Комедија ќе се одигра претставата „Тогаш кога се изгубивме“ на Краљевачкиот театар, Србија; во 13 часот, на ФДУ мастерклас ќе одржи чешкиот театарски режисер Јакуб Максимов; во 16 часот, во МНТ ќе има панел-дискусија на теми кои ги засегаат детските и младинските престави, нивната публика, АСИТЕЖ, чии модератори ќе бидат Драгана Милошевски-Попова и Игор Ивковиќ; а во 19:30 часот во ТДМ ќе се прикаже „Палешка“ на Куклениот театар од Љубљана, Словенија. Програмата на 3 октомври стартува во 11 часот, во ТДМ, со претставата „На гости кај Кате и Фреда“ на Театарот Бабец од Битола, по што, во 13 часот, на истата локација следува работилницата „Креативно пишување за млади таленти“ со менторите Давор Драгојевиќ од Црна Гора и Драгана Лукан Николовски и Хана Миленковска од Македонија којашто во истиот термин во ТДМ ќе се одржи и на 4 и на 5 октомври. Третиот фестивалски ден (3 октомври) се заокружува со претставата „Си беше еднаш еден лав“ на детскиот театар од Бања Лука, БиХ, што ќе се изведе од 19:30 часот, во ТДМ. Во рамки на фестивалот, на 4 октомври, публиката ќе може да ги проследи претставите „Прадевојче“ на националниот театар од Зрењанин, Србија, што ќе се изведе во 11 часот, во Драмски; потоа „Светско шоу на ѕвездите“ на Караѓоз театар од Истанбул, Турција, во 17 часот, во ТДМ и „Дупка и копче“ на Илоко театар од Рим, Италија, во 19,30 часот во Драмски.

Фестивалот завршува на 5 октомври со изведба на претставите „По трагите на волкот“ на Младинскиот театар од Нови Сад, Србија во 12 часот, во Театар Комедија; „О, ла, ла“ на Градскиот куклен театар од Риека, Хрватска во 17 часот во ТДМ, и со „Франкештајн“ на домаќинот Театарот за деца и младинци, која ќе биде вон конкуренција. Претходно ќе бидат доделени наградите (Гран-при за најдобра претстава во целина, како и наградите за машка, женска улога, за режија, сценографија, костимографија, како и специјални награди).

Претседател на жирито кое ќе ги додели наградите е Рената Карола Гатика, а членови Билјана Крајчевска, драматург и актерка од ТДМ. Фестивалот има и жири-комисија составена од деца претставници од драмски студија од Скопје кои решаваат за една награда – Гран-при за најдобра претстава.

– Театарот за деца и младинци постои веќе 33 години, ја тераме 34. година, а идејата за ваков интернационален фестивал постои од самото основање на театарот. Пред две години собравме храброст и решивме да почнеме. И како што слушнавте главен проблем се секогаш финансиите, и наместо да зборуваме каде оди театарот и продукцијата за деца и какво влијание има оваа институција во општеството, ние мораме да зборуваме за финансии. Но ТДМ нема да се откаже и ќе го направиме овој фестивал онаков како што доликува – интернационален, рече Владимир Лазовски, претседател на Советот на фестивалот.

Режисерот Игор Ивковиќ, дел од Советот на фестивалот, истакна дека како тим имаат прекрасни идеи и визии за натамошната работа и на театарот и на фестивалот, кој веќе станува нераскинлив дел од историја на театарот.

-Сметаме дека ништо посуштествено и поважно нема ако не постои Театарот за деца и младинци оваков каков што е. Ние би сакале да сме во малку поголем простор, бидејќи по ова привремено решение на колегите од пред 34 години, мислам дека е дојдено времето веќе да добиеме еден поубав простор, ама да не чекаме како Филхармонија 65 години. Бидејќи и другите театри не би постоеле, доколку ние овде не ја зародиме и негуваме таа публика која ќе биде посетител во другите театри, додаде Ивковиќ.

По повод Детската недела која трае во првата седмица од месец октомври, билетите на фестивалот ќе се продаваат по цена од 150 денари. Инаку, годинава дел од програмата на фестивалот ќе се дисперзира и во Струмица, по завршувањето во Скопје. Покровител од минатата година е институцијата Претседател на државата. (Н.И.Т.)