Еден од капиталните проекти за реставрација во 2019: Бедемот на Стоби ќе се гледа од далеку

22

Според директорот Спасе Перовски активностите ќе се превземат со цел да се овозможи заштита на овој споменик на културата од римскиот и доцно античкиот период, а ќе претставува и нова содржина за презентација која ја подобрува визурата и ја зголемува импресивноста на локалитетот кој во одредени делови е сочуван во височина од три-четири метри, а има и пет кули

Северозападниот бедем на најголемиот археолошки локалитет во Македонија “Стоби” со должина од 324 метри, кој всушност и прв се забележува од меѓународниот автопат ќе се реставрира, а за тоа се издвоени околу еден милион евра. Според директорот Спасе Перовски активностите ќе се преземат со цел да се овозможи заштита на овој споменик на културата од римскиот и доцно античкиот период, а ќе претставува и нова содржина за презентација која ја подобрува визурата и ја зголемува импресивноста на локалитетот кој во одредени делови е сочуван во височина од три-четири метри, а има и пет кули. Реализацијата на проектот, пак, се смета дека директно ќе влијае на зголемување на бројот на посетители.

Бедемот на Стоби, како што истакнува Перовски, е еден од четирите капитални проекти за реставрација, но средства до сега немаа добиено.

– Од Министерството за култура со години бараме средства за неколку покрупни проекти како одбранбените ѕидини, театарот и Епископската базилика. Но, нивната реализација го надминува севкупниот годишен буџет на министерството за целата заштита на културното наследство на ниво на државата. Поради тоа, овие проекти се реализираат парцијално со одредени суми кои се доделуваат секоја година. Финансирањето на реставрацијата на одбранбениот ѕид досега не е влезено во годишната програма на министерството и воопшто не е почнат процес на негова реставрација, појаснува Перовски.

Тој информира дека НУ “Стоби” има обезбедено и дополнителни средства за реализација на проекти надвор од годишната програма на Министерството за култура.

Перовски потенцира дека имајќи го предвид огромното значење на “Стоби” како културно богатство и неговиот исклучителен капацитет за културен туризам и промоција на регионот, покрај државата потребно е локалните власти од околните општини да обезбедат поголема поддршка за развој на Стоби.

Лесно пристапен од меѓународниот автопат “Е-75”, стариот град Стоби, поточно остатоците од овој најголем град во северниот дел на римската провинција Македонија, подоцна главен град на провинцијата Македонија Секунда, со години наназад е популарна туристичка дестинација не само за посетителите од Македонија, туку и во светски рамки. Ноќната осветленост на градските ѕидини и откриените градби на овој археолошки локалитет, ја нагласуваат неговата убавина и атрактивност.

“Објекти кои привлекуваат најмногу внимание се секако грандиозниот театар, импресивната библиотека, мистериозниот храм на Изида, Теодосијанската палата, светата улица, раскошната Епископска базилика и крстилницата. Се надевам дека во блиска иднина ќе можеме да сметаме и на реконструкција на една од раскошните палати, со што посетителот би имал целосна слика за раскошот и убавината на Стоби”, посочи неодамна за “Вечер” директорот на оваа национална установа Спасе Перовски.

Стоби минатата година го посетиле над 20 илјади туристи, а поголем број биле странци.

Лани екипите во Стоби работеле и конзерваторско-реставраторски работи на полукружниот плоштад и санација на дел од брегот на Црна Река покрај локалитетот. Посебно интересна беше крстилницата во Епископската базилика. Конзервацијата беше завршена со финансирање од американски грант.