„Не сум сигурна дека сме имале втор толку комплетен и едновремено комплексен актер. Нашиот Мето успеа да го крене достоинството на професијата на највисоко ниво. Неговото темелно познавање и умеење на актерското мајсторство го направија единствен во професијата. Мето е токму тоа – актерски, интелектуален и емоционален огномет“, беше пораката со која на денешната комеморација во Драмскиот театар во Скопје, од својот тивок пријател Мето Јовановски, се прости неговата колешка, актерката Милица Стојанова

„Мето, актер, професор, колега, но и обичен човек. Беше волк самотник, имаше доверба во малкумина. Ги сакаше своите ќерки. Ја сакаше својата брада, без неа не се чувствуваше свој. Наизуст ги знаеше евангелијата. Му се допаѓаше левиот профил од неговото лице. Сакаше тишина во ходниците низ театарот пред почеток на секоја претстава. Велеше дека животот може да се носи во една патна кожена торба“. Со овие зборови, со долг аплауз и со неговата омилена песна, традиционалната македонска „Со маки сум се родила“, денеска, на сцената на Драмскиот театар – Скопје, од големиот македонски актер Мето Јовановски се простија неговите колеги, пријателите, семејството, како и почитувачите на неговото дело.

За Јовановски (1946, Панчарево -2023, Скопје), кој почина минатата недела, на комеморацијата зборуваа и пораки испратија повеќе истакнати актери, режисери, директори на институции, негови соработници од матичниот Драмски театар, Универзитетот „Еуропа Прима“, Кинотеката, а телеграми со сочувство упатија и претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, ФДУ, МНТ, ТДМ, Албанскиот театар, Битолскиот театар, како и други институции и поединци од земјава и странство.

„Не сум сигурна дека сме имале втор толку комплетен и едновремено комплексен актер. Многубројни се неговите дарови, пред сè како актер, но и како драмски писател, режисер. Неговите доблесна критичност и острина, нетипични за нашиот аморфен контекст, го оформија во една од најспецифичните и најголемите личности на нашата современа култура. Неговото темелно познавање и умеење на актерското мајсторство го направија единствен во професијата. Нашиот Мето успеа да го крене достоинството на професијата на највисоко ниво, тој е актерски, интелектуален и емоционален огномет… Ретко се раѓа некој во една култура како Мето, требаше да го чуваме како капка роса на дланка во пустина. До скоро видување, пријателе…“, беше пораката која до својот тивок пријател ја испрати неговата колешка, актерката Милица Стојанова.

На матичната сцена во Драмски остварил 37 улоги, од кои повеќето се носечки, насловни, овенчани со награди и важни места во македонската театарска историја: Јане Задрогаз во „Јане Задрогаз“; Хамлет во „Хамлет“; Стенли Ковалски во „Трамвајот наречен желба“; Симон во „Диво месо“; Еригон во „Еригон“; Бранко Митиќ во „Карамазови“; Цибра во „Тетовирани души“; Робеспјер во „Смртта на Дантон“; Франц во „Стапица“; Актерот во „Розенкранц и Гилденстерн се мртви“; Војницки во „Вујко Вања“; Жан Дантес во „Европа“; Татко во „Мачка на вжештен лимен покрив“; Мартин во „Коза или која е Силвија“.

Како и за многумина, така и за актерот Јовица Михајловски со кој Јовановски ја делел гримиорната, Мето беше еден од најголемите македонски актери. „За Мето нема анегдота. Тој беше монашки посветен на својата професија. Четириесет и пет минути пред почеток на претставата тој завршуваше со секаков разговор и постануваше ликот кој треба да го толкува на сцена. Неговата професионална посветеност често беше зачудувачка, посебно за тие кој театарот го разбираат како простор за евтина себепромоција“, порача Михајловски.

Од Мето на сцената на Драмски се прости и Благоја Чоревски, кој се потсети на нивните студентски денови и вработување во Драмски театар. „Со Енчо, така се викавме од една Етида која ја правевме на Драмскиот факултет во Софија, каде што завршивме во 1970 и на 1 септември истата година заедно почнавме во Драмскиот театар – Скопје. И од тој ден до денеска ние сме тие кои му остануваме верни. Мето беше актер којшто имаше енергија, атомска бомба во себе. Кога ќе излезеше го правеше тоа со некоја чудна леснотија, а во суштина е многу тешко. Мето ќе остане за мене секогаш Енчо. Живеевме во иста соба, јас, тој, Диме Станкоски и Ѓорѓи Стојановски. Завршивме, јас, Мето и Диме дојдовме во Драмски. Мето беше нешто кое не можеше да се опише со зборови, мора да го почувствувате. Јас сум горд што сум бил со него, што сум играл со него и што сум учел од него. Нека му е вечна слава на мојот Енчо, актериште едно“, кажа Чоревски.

Актерот Крсте Јовановски, пак, кој последните години активно се дружел со Јовановски, а пред четириесетина години како студент и ја делел сцената на Драмскиот театар со Мето, кој тогаш го играше Еригон во истоимената претстава, кажа: „Сите ние во текот на нашето живеење ставаме по нешто во нашиот живот, некој повеќе некој помалку, сè зависи од тоа кој колку знаел и умеел. Почитуваниот Мето во неговиот живот ставил многу, затоа што многу знаеше, многу умееше, а и можеше. И тоа ни го остави во аманет да го чуваме во нашите срца и да го пренесуваме, паметиме и чуваме. Некој ќе рече не се сите срца еднакви, но тие срца ќе паметат сè што Мето оставил за нас и ќе го пренесуваат на идните генерации. Мето остави многу, за театарот, за уметноста, за себе, за нас…“. Крсте Јовановски изрази и благодарност на големиот актер за сите совети што му ги дал кога му било најтешко.

Режисерот Дејан Пројковски пак, напиша: „Си замина еден од најголемите македонски актери – Мето Јовановски. Поклон до земја, маестро мој!“.

Со пораки од Јовановски се простија и неговите колеги од регионот.

Театарскиот режисер Паоло Маџели ги упати следниве зборови: „Сите знаат колку голем глумец беше и нема потреба тоа јас да го повторувам. Се запознавме во Белград по твојата прекрасна изведба на Хамлет. Унко нè запозна. Тоа е, еден живот. Жељка дојде кај мене на проба, откако сте биле заедно во Подгорица. Ја прашав, и таа ми рече, добар е, прекрасен како и секогаш. Кршливи сме, драги мој Мето, тоа е тоа. И тоа е неправедно. Затоа што прекрасните актери не би требало никогаш да умрат. Разбираш?“

Мето Јовановски ќе остане запаметен и по неговите исклучителни улоги на филм.

Пред филмската камера првпат застанува во 1971 година, во македонскиот филм „Македонскиот дел од пеколот“, искуство по кое бележи импозантен број од 97 снимени наслови – играни, краткометражни и ТВ филмови, ТВ серии. Станува нашироко популарен и цитиран како Дамјан од „Колнети сме, Ирина“; Коста во „Најдолгиот пат“; Марко во „Тумба, тумба дивина“; Драгослав од „Среќна нова 1949“; Осамениот од „Опстанок“; Режисерот во „Засега без добар наслов“; Штуц од „Трст виа Скопје“; Илко од „Тетовирање“; др. Сашо од „Пред дождот“; Лем Никодински во „Големата вода“; Димче во „Село гори, баба се чешла“; Рабин во „Трето полувреме“, Професорот од „Бистра вода“…

„Мето е голема загуба за македонската, екс југословенската, балканската култура. Ми беше привилегија само да стојам покрај тебе, а да не кажувам колкава привилегија беше да се глуми со тебе. Одмори се, великане! Те сака твоето Сараево, твојата Босна и Херцеговина“, му порача актерот Емир Хаџихафисбеговиќ со кого Јовановски соработувал на два играни филма „Станица обичних возова“ и „Децата на сонцето“.

Во 2001 година Мето Јовановски станува почесен член на Црногорското народно позориште (ЦНГ) во Подгорица каде што игра во две претстави „Малограѓани“ и „Урнебесна трагедија“. „Мето беше голем пријател на црногорската култура и театар, уметник кој со ист интензитет ја носеше автентичноста на својата родна грутка и истовремено владееше со онаа креативна сила по која се препознава уметничката универзалност“, рече Илија Суботиќ, директор на Црногорското народно позориште кој додаде дека Мето само пред дваесетина дена во Подгорица ја прославил 70-годишнината на ЦНГ.

Новинарот и писател Гоце Ристовски, пак се осврна на неговата работа на Универзитетот „Еуропа Прима“ и посочи дека бил строг, но правичен професор во работата со студентите. Во беседата по повод прогласувањето за прв македонски филмски и театарски уметник Doctor Honoris Causa на „Еуропа Прима’, пак, Јордан Плевнеш ќе напише: „…Балканот, тој надалеку познат полуостров, каде што е родена античката трагедија, некогашната и сегашната трагедија, се бранувал од играта на едниот, единствениот, неповторливиот, само нему сличниот, возвишениот, неговото Величество актерот – Мето Јовановски, кој ги запиша Скопје и Македонија на европската и светската актерска мапа“.

Последното театарско појавување Мето Јовановски го имаше на 26 октомври годинава на сцената на Драмски во претставата „My name is Goran Stefanovski“. Актерот кој за својата плодна работа се закити со бројни награди во Македонија и регионот, сега почива во Алејата на заслужните граѓани на градските гробишта Бутел во Скопје. Од својата публика се збогуваше нечујно. (Н.И.Т.)

Фото: (Ѕ. Плавевски)