Египет, Јордан, Франција и Германија: Анексијата ќе им наштети на нашите односи со Израел

25

Министрите за надворешни работи на Египет, Јордан, Франција и Германија денеска преку заедничко соопштение остро се спротивставија  на планот на Израел за еднострана анексија на делови од Западниот Брег, предупредувајќи дека ваквиот потег може да го дестабилизира регионот и негативно да влијае врз  билатералните односи со еврејската држава.

-Се согласуваме дека секоја анексија на палестинските територии окупирани во 1967 година ќе биде кршење на меѓународното право и ќе ги загрози темелите на мировниот процес. Ние нема да признаеме какви било измени во границите од 1967 година, кои не беа договорени од страните во конфликтот”, изјавија египетскиот министер Самих Шукри, Ајман ал-Сафади од Јордан, Жан-Ив ле Дриен од Франција и Хајко Мас од Германија преку видео конференциска врска.

Шефовите на дипломатиите, исто така, се согласија дека ваквиот потег ќе има „сериозни последици врз безбедноста и стабилноста на регионот и ќе биде голема пречка за напорите за постигнување сеопфатен и праведен мир“, а исто така може да има и последици за односите со Израел.

Израелските медиуми пренесуваат дека ова е првпат Каиро официјално да предупредува на ваквите последици од анексијата. Египетскиот министер за надворешни работи зборуваше против планот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за воспоставување суверенитет над сите еврејски населби во окупираниот Западен Брег и стратешки важната долина Јордан.

Египет, меѓутоа, досега се воздржуваше од јавни критики за планираниот потег.

За разлика од оваа земја, Јордан, Франција и Германија постојано тврдат дека анексијата мора да биде оспорена.

Министрите ја истакнаа „нивната силна посветеност на решението (моделот) за две држави што се темели врз меѓународното право и релевантните резолуции на ОН“, нудејќи поддршка и помош при враќањето во преговорите.

Израел:МИА