Еврото се зголеми неодамна, во услови на превирања на глобалниот пазар, и се сметаше за безбедно засолниште. Курсот меѓу еврото и американскиот долар се искачи на 1,1 во понеделникот, највисоко ниво од јануари, пред да се повлече на нешто над 1,09 во вторникот. Заедничката валута на Европската Унија, најверојатно, дополнително ќе се зголеми како безбедна дестинација, поради немирното расположение во услови на превирања на глобалниот пазар. Одлуката за стапката на ЕЦБ во септември останува клучен фактор за одредување на трендот на единствената валута, пишува „Еуроњуз“ во својата анализа.
Овие движења го рефлектираат глобалното расположение: окружувањето за намалување на ризикот го поттикна еврото во текот на падот на берзата, додека расположението за ризик примени надолен притисок врз единствената валута, по собирот за олеснување на пазарот. Сепак, еврото може да се соочи со дополнителен нагорен притисок, со оглед на светскиот тренд што преовладува.
Историски гледано, еврото се смета за безбедно место за парите на инвеститорите, поради високата ликвидност, статусот на главна резервна валута, значителната економија на еврозоната и стабилните политики на Европската централна банка. Сепак, оваа перцепција за безбедност, можеби, е поткопана од војната во Украина, слабите економски изгледи и од неодамнешните политички превирања. И покрај ова, еврозоната останува клучен дел од глобалната економија. Неодамна, еврото го врати статусот на безбедно засолниште, во услови на пазарни превирања, поттикнати од зголемениот јапонски јен и остриот пад на американските берзи.
И покрај широкото закрепнување на глобалните берзи, нестабилноста може да опстои, бидејќи основните услови остануваат непроменети. Ова дополнително би можело да го поддржи еврото како безбедно засолниште.
Неодамнешната интензивна распродажба на пазарите на акции беше поттикната од нагло зајакнатиот јапонски јен, по зголемувањето на стапката на Банката на Јапонија (BOJ), минатата недела. Трговците со валути намалија на „carry trades“ (Carry trades вклучува задолжување во валута со ниска каматна стапка и инвестирање во валута со повисока каматна стапка, со цел да се профитира од разликата во каматната стапка, н.з.), што доведе до пресврт на јенот и до пад на американскиот долар со повисоки приноси.
Инвеститорите позајмуваа јени со пониски стапки за да ги финансираат капиталните инвестиции, така што неодамнешниот пресврт на јенот придонесе за распродажба на глобалната берза.
Прерано е да се заклучи дека е завршена нестабилноста. Се очекува БОЈ да продолжи со монетарното затегнување, не само со зголемување на каматните стапки туку и со намалување на купувањето обврзници. Ова, најверојатно, ќе доведе до понатамошна репатријација на јенот, бидејќи многу јапонски бизниси, оптоварени со високи долгови, ќе треба да ги вратат заемите. Овој тренд би можел да продолжи да го притиска американскиот долар и да го поттикне еврото, како и валутите помалку погодени од светските трендови, како што се австралискиот и новозеландскиот долар.
Не само светските трендови туку и патеката на каматните стапки на ЕЦБ е клучен фактор што влијае на движењето на еврото. Инфлацијата во еврозоната неочекувано забрза на 2,6 % во јули, од 2,5 % претходниот месец, што ги намали очекувањата за второ намалување на стапката од страна на ЕЦБ, во септември. Знаците за економско закрепнување во еврозоната, исто така, би можеле да привлечат капитални приливи, бидејќи инвеститорите бараат стабилност во услови на тековната нестабилност на пазарот.
Спротивно на тоа, се очекува американската централна банка да започне со намалување на каматните стапки во септември, бидејќи стравувањата од рецесија се зголемуваат, поради неодамнешните омекнати економски податоци во земјата. Учесниците на пазарот очекуваат дека неодамнешните пазарни превирања, исто така, ќе го поттикнат ФЕД да спроведе три намалувања на каматните стапки оваа година, што ќе доведе до натамошен пад на американскиот долар.
Како резултат на тоа, омекнатиот американски долар и повлекувањето на американската берза може дополнително да го зацврстат статусот на еврото како безбедно засолниште. Привлечноста на еврото како стабилно средство во време на глобална несигурност може да биде засилена со неговите релативно силни перформанси во споредба со другите валути, се заклучува во анализата.