Европско патувачко кино под отворено небо како загревање за „Синедејс“

30

Европското патувачко кино под отворено небо како загревање за фестивалот „Синедејс“, секоја година оди во три различни градови во земјата и прикажува нови европски филмови, признаени од европската критика и сакани од европската публика.  Годинава, почнува во Тетово на 14 и 15 јуни на платото пред Europe House Тетово (Дом на културата), а потоа патува во Крушево на 21 и 22 јуни пред споменикот „Македониум“ и во Гевгелија на 28 и 29 јуни на платото пред Домот на културата.

Во Тетово, на 14 јуни, прво ќе биде прикажан краткиот македонски филм „Сценариото“ во режија на Александра Кардалевска, по што ќе следи проекцијата на „Ефтеркланд: Македониум бенд” и концерт на бендот Stoned Hedge од Тетово. На 15 јуни, вечерта ќе започне со филмот „Стариот даб“ во режија на Кен Лоуч, по што ќе следи разговор со Златко Ѓелески, филмски критичар и Артан Садику, активист и теоретичар, по што ќе биде прикажан краткометражниот филм „Еден тон сладолед” во режија на Сандра Ѓорѓиевска.

Програмата во Крушево започнува на 21 јуни на плато пред споменикот „Македониум“ со проекција на краткиот филм „Дали си маж?“, во режија Ѓорче Ставревски по што ќе следи проекција на „Ефтеркланд: Македониум бенд”. Вечерта ќе заврши со концерт на бендот The Local Blue од Скопје. Во сабота, на 22 јуни ќе биде прикажан филмот „Злосторството е мое” на Франсоа Озон по што ќе следи разговор со Златко Ѓелески, филмски критичар и Ана Алексовска, продуцентка и режисерка, а потоа на репертоарот е краткиот филм „Тик-так“ во режија Јане Алтипармаков.

Европското патувачко кино во Гевгелија ќе започне на 28 јуни, со проекција на краткиот филм „Кутии“ во режија на Ангела Димеска по што ќе следува филмот „Ефтеркланд: Македониум бенд” и концерт на бендот Дактили од Струмица. Во сабота, 29 јуни, ќе биде прикажан филмот „Паднати Лисја“ во режија на Аки Каурисмаки, по што ќе следи разговор со филмските критичари Златко Ѓелески и Влатко Галевски, по што ќе следи проекција на филмот „Имиња“ во режија на Јане Спасиќ. Проекциите започнуваат во 20:30 часот, а влезот е бесплатен.