Менувањето на Преамбулата на македонскиот Устав е гаранција за автоматски почеток на новата фаза од преговарачкиот процес на Македонија со Европската Унија, уверува амбасадорот на Кралството Холандија во земјава, Дирк Јан Коп.

– Втората фаза ќе почне во моментот кога Северна Македонија ќе ја смени Преамбулата во Уставот за да го вклучи бугарското малцинство, заедно со седумте етнички заедници кои се веќе споменати во Уставот. Заклучоците од Советот, минатиот јули, јасно кажуваат дека штом Северна Македонија ги усвои уставните измени, веднаш ќе почне втората фаза и тоа без каква било друга политичка одлука. Значи, да, менувањето на Преамбулата во Уставот го гарантира почетокот на новата фаза. Тоа е автоматски, истакна амбасадорот Коп за Радио Слободна Европа.

И покрај заканите од Бугарија за ново вето, тој уверува дека тоа нема да се случи, додавајќи дека најважно е спроведувањето на реформите.

– Земјата треба да ги заврши реформите. И тоа е единствениот начин да се влезе во Унијата. А скрининг процесот ќе даде јасно до знаење какви треба да се реформите и на крајот тоа е многу поважно од позицијата на Бугарија, вели амбасадорот Коп.

Според него нема напредок во борбата против корупцијата, туку како што посочи, работите се влошуваат.

– Постои корупција насекаде, конфликт на интереси, влијание врз невладиниот сектор, непотизам, клиентелизам, а препораките од Државната комисија за спречување корупција и Народниот правобранител не се почитуваат од никој, ниту од Владата ниту од парламентот, ниту од Обвинителството, истакна холандскиот амбасадор.

Тој смета дека работите се влошуваат и во правосудниот систем, каде претходно имало напредок.

– Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот на Обвинителството за организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители, гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови. Дозволете да ве потсетам дека во февруари 2020 година, кога Парламентот донесе закон со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО, случаите со масовното преслушување и тоа беше единствениот настан што направи мојата земја да се согласи за членство на Северна Македонија во ЕУ, а потоа и Советот на ЕУ се согласи со тоа во март 2020 година. Но, она што ние напротив го гледаме е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој, а сега го имаме и случајот со Судскиот Совет кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Сускиот совет, рече амбасадорот Коп.

Тој предупредува и дека користењето на европското знаме за законите за „Бехтел и Енка“ може да има последици на натамошниот евроинтегративен процес, затоа што во овој случај не се работи за усогласување со европското законодавство.

– Не може да ги игнорирате правилата за јавни набавки, односно да ги избегнете тендерските постапки во договорот. Значи ЕУ законодавството е важно, а договорот со Бехтел и Енка не се совпаѓа со тој опис и не е усогласен со ЕУ законодавството. Исто така и целиот начин на кој е спроведен, е прилично нетранспарентен, што е исто така и мислење на ММФ на пример, подвлекува Амбасадорот на Холандија.

И заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ смета дека може да се стигне со уставните измени до ноември месец, доколку сите партии и сите пратеници ја сфаќаат својата одговорна улога во овој период, а потоа не се очекуваат нови блокади.

– Процедурата во собранието трае од прилика три до четири месеци, сосема доволно да се издискутираат и да се усвојат овие уставни амандмани, којшто се само дополнување на досегашниот систем на заштита на заедниците, изјави Маричиќ за Телма, додавајќи дека потоа ќе бидеме во друга фаза, фаза во која ќе продолжат преговорите со ЕУ, патот ќе биде отворен и дека блокади веќе не се очекуваат.

Маричиќ, исто така, изрази задоволство што предлогот е едногласно изгласан од комисијата и го поздрави првиот ефикасен резултат на работната група, којашто во рок од неколку недели, го заврши текстот на иницијативата за уставни измени.

– Текстот е проследен до Министерството за правда и во наредниот период дискусијата допрва треба да се развие. Очекуваме во наредните да речеме неколку денови или неколку недели да се најде на седница на Влада, така да таа иницијатива ќе се разгледа можеби образложението ќе се зајакне со аргументи иако вака мислам дека доста солидно е направено, рече Маричиќ.

Во однос на останатите барања од политичките партии за промени во Уставот, Маричиќ кажа дека за секоја тема треба да се разговара, но нагласи дека „сега е време да се заврши она што ни е непосредно задача од преговарачката рамка“.

– Доколку сакаме да не се одолжи, да не трае повеќе од тоа што ни треба, ова година да го завршиме ова, а ќе има прилика во наредниот период потоа во текот на преговорите со ЕУ, во текот на наредните години повторно да се отвори Уставот, доколку се утврди потреба за тоа, рече Маричиќ.

(И.С.)