Европски зелен појас со награда за општина Кочани за зачувување на природата

14

Општина Кочани доби награда од Европскиот зелен појас за нејзините досегашни активности и работењето за зачувување на природата и на биолошката разновидност. Меѓу земјите од Балканскиот зелен појас, Општина Кочани е наградена за извонредната посветеност во зачувувањето на природата и одржливиот развој, а изборот го направи Одборот на Европскиот зелен појас.

– Кочани е општина која е многу богата, како со природа, така и со добри луѓе, а е пример како треба се грижиме за зачувување на природата, за одржлив развој и за прекугранична соработка. Осогово пак, како планина која е дел од Европскиот зелен појас, може да се пофали со извонредни пејзажи и хармонија меѓу природата и луѓето. Оваа иницијатива има улога и во европските интеграции на државата – истакна Габриел Швадерер, претседател на Европскиот зелен појас.

Германската амбасадорка Анке Холштајн му ја врачи наградата на градоначалникот Николчо Илијев.

– Процесот за прогласување на дел од Осогово за заштитено подрачје ни помогна со научни истражувања да дознаеме и да се увериме колку многу природни вредности и реткости, колку многу убавини има во себе. Следните чекори што Општината планира да ги спроведе се во развојот на руралниот и на велосипедскиот туризам, изградба на планинарски дом и едукативен центар. Натамошното управување и развојот на заштитеното подрачје зависи од сите нас и од јавната свест за одржливо користење на ресурсите – истакна Илијев.