Откога ЕЦБ ги зголеми каматните стапки, еврото падна на најниско ниво во последните три месеци. Европската валута загуби 0,6 отсто во однос на доларот и се тргува за 1,0660 долари. Просечната инфлација во Еврозоната,  изминативе месеци се движи околу 5,3 проценти, а во Македонија инфлацијата и натаму е двојно повисока и изнесува близу 10 проценти. Овој десетти по ред раст на каматната стапка, ЕЦБ го правда со напорите за справување со инфлаторниот бран, нагласувајќи дека ваквото ниво на каматата ќе помогне инфлацијата да се врати во целните рамки од два отсто. Според Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка, досегашните одлуки на Народната банка за зголемување на основната каматна стапка, како и другите мерки за нормализација на монетарната политика придонесоа за намалување на инфлацијата

 

 

За да се намали високата инфлација во Еврозоната, Европската централна банка се одлучи да ги зголеми каматните стапки. На последниот состанок, ЕЦБ ги зголеми каматните стапки на рекордно високо ниво од 4 отсто, а еврото веднаш падна на најниско ниво во последните три месеци. Експертите од ЕЦБ сигнализираа дека овој потег може да биде последен во нивната кампања за затегнување на монетарната политика. Заради растот на каматите, еврото загуби 0,6 отсто во однос на доларот и се тргува за 1,0660 долари.

На пазарите на државниот долг, приносите на двегодишните германски обврзници, чувствителни на политиката, беа за 0,02 процентни поени пониски на 3,15 отсто. Приносите на обврзниците паѓаат кога цените растат.

Просечната инфлација во Еврозоната, изминативе месеци се движи околу 5,3 проценти, а во Македонија инфлацијата и натаму е двојно повисока и изнесува близу 10 проценти. Проценките на економски експерти се дека високата инфлација во земјава ќе трае уште долго, главно поради политиките на увоз на храна. Претседателката на Европската централна банка, по најавата за зголемување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени на рекордни 4 отсто, изјави дека не може отсега да ги прогнозира следните чекори на Банката, имајќи предвид дека Еврозоната минува низ долг период на „многу бавен раст“ и покрај „увереноста“ дека растот ќе се засили следната година.

– Не можеме да кажеме ништо сега кога сме на високи вредности, додаде Лагард, посочувајќи дека ажурираните прогнози на ЕЦБ предвидуваат просечна инфлација во 2025 година од над 2 отсто.

Овој десетти по ред раст на каматната стапка, ЕЦБ го правда со напорите за справување со инфлаторниот бран, нагласувајќи дека ваквото ниво на каматата ќе помогне инфлацијата да се врати во целните рамки од два отсто.

Франческо Песоле, стратег за forex во ING, рече дека јазикот на ЕЦБ „во суштина сугерира дека ЕЦБ можеби го достигнала врвот на својот циклус на затегнување“.

-Пазарите засега разумно им даваат поголема тежина на знаците за лудост, имајќи предвид и дека протокот на податоци во еврозоната во последно време е прилично мрачен, рече Песоле.

Политичката одлука на ЕЦБ доаѓа во време на зголемена вознемиреност на инвеститорите поради претстојниот економски пад, при што Европската комисија неодамна ја намали прогнозата за раст за 27-члената Унија на 0,8 отсто оваа година и 1,4 отсто во 2024 година. ЕЦБ сега ги зголеми трошоците за задолжување за 10 последователни политички состаноци од јули 2022 година, во обид да се справи со високата инфлација. Годишниот раст на цените оттогаш забави на 5,3 отсто во август и ќе продолжи се додека инфлацијата не ја достигне целта на централната банка од 2 отсто, пишува Investor.me.

Во Македонија, пак, централната банка веќе води рестриктивна политика. Според Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка, досегашните одлуки на Народната банка за зголемување на основната каматна стапка, како и другите мерки за нормализација на монетарната политика придонесоа за намалување на инфлацијата. Таа смета дека токму овие мерки донесоа и за стабилизација на девизниот пазар и раст на девизните резерви.

-Сепак, ризиците сè уште постојат, поради што треба и натаму да води претпазлива политика и да ги презема неопходните мерки. Одлуките за промена во каматните стапки се донесени во услови на постепена стабилизација, но и понатаму постојат ризици, поради што е оценето дека има потреба од понатамошна претпазливост во водењето на монетарната политика- вели Ангеловска-Бежоска и дополнува дека при носењето на монетарните одлуки се зема предвид и поставеноста на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), која на последниот состанок донесе одлука за дополнително зголемување на каматните стапки – велат од НБРМ.

Ангеловска-Бежоска како став ова го кажа и на неодамнешната  средбата со претставниците на ММФ, односно досегашниот шеф на Мисијата, Жак Минијан и новата шефица на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд, Анет Жаклин Кјобe. Оценето беше дека  ризиците сѐ уште постојат, поради што Народната банка ќе продолжи и натаму да води претпазлива политика и да ги презема неопходните мерки.

И економските експерти  се на ставот дека во моментов нема услови да се намали сегашната релативно рестриктивна монетарна политика на Народната банка, оти во земјава  се уште има висока стапка на инфлација. Професорот и економскиот експерт Никола Поповски за „Блумберг Адрија” деновиве кажа дека каматните стапки на Народната банка во моментов се три-четири процентни поени под референтната каматна стапка која е 6,15,а годишната просечна инфлација во земјава е околу осум отсто. Според него фискалната политика во моментов малку придонесува, оти се интервенира кај цените.

-Со тоа се создаваат фискални дефицити од 4 до 5 % и наместо да ги инјектираат во инвестиции во таква јавна потрошувачка, ги пренаменуваат за плати,пензии, за социјална заштита. Тоа ќе предизвика и удар врз инфлацијата – укажува Поповски.   

Индексот на трошоците на животот мерен преку Државниот завод за статистика во август 2023 година, во однос на август 2022 година, бележи зголемување од 8,3%, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 5,6%.

Статистичарите во земјава ја мерат инфлацијата преку индексот на трошоците на животот кои што во август годинава, во споредба со претходниот месец, изнесуваа 101,2, а индексот на цените на мало изнесуваа 101,3.

Пораст на индексите на трошоците на животот во август 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележан  речиси кај сите животни намирници, што само потврдува дека инфлацијата  во моментов е околу 10 отсто.

Во август ДЗС регистрира и пораст на индексите на трошоците на животот  заради растот на течните горива за домаќинство и бензините. И на светско ново цените  на енергенсите растат. Тие се зголемија, бидејќи цените на нафтата се искачи на 10-месечен максимум по најавите за намалување на понудата од страна на некои од најголемите светски производители.

Суровата нафта „брент“, меѓународниот репер, поскапи за 1,3 отсто на 93,1 долари за барел деновиве, а американската еквивалент „Вест Тексас интермедијт“ поскапи со иста маргина на 89,69 долари. Зголемувањето на цените на суровата нафта во САД доведе до повисоко читање на основната инфлација во САД во средата, но не ги вознемири пазарите кои продолжија да се обложуваат дека Федералните резерви ќе ги задржат стапките непроменети. Слична е состојбата со цената и на европските и азиските берзи.

(В.Ма.)