Европратениците испратија предлог документ за подобрување на изборните услови во Србија, Ѓилас нема да го потпише

35

Претседателот на Партијата на слободата и правдата (ССП), Драган Ѓилас, денеска изјави дека документот на медијаторите од Европскиот парламент (ЕП) за подобрување на изборните услови е неприфатлив за граѓаните на Србија и дека во доставената форма ССП „сигурно нема да потпише“, јави дописникот на МИА од Белград.

-Предлогот што го добивме не е прифатлив за граѓаните на Србија, бидејќи не содржи јасни механизми што би овозможиле почитување на законот, чие спроведување е неопходно за да имаме слободни избори. Затоа ССП сигурно нема да го потпише во оваа форма, изјави Ѓилас во пишаната изјава за медиумите.

-За конкретните забелешки на текстот ќе ги известиме европските посредници и јавноста по разговорите со нашите партнери со кои работевме на развој на заедничката платформа за слободни и фер избори, изјави Ѓилас.

Во денешниот број, весникот Нова наведува дека документот кој е претставен од европратениците до опозицијата е „разочарувачки“, односно дека претставува „едно големо ништо“ и дека европските медијатори најверојатно не добиле сериозна поддршка за да достават амбициозен документ и цврсто да настапат во преговорите.

Во Нацрт-работниот документ на европратениците кој синоќа го објавија медиумите се оценува дека учесниците во јулскиот дијалог на власта со опозицијата ја покажале својата подготвеност да се посветат на процесот, како и да имале конструктивен став, и дека се предвидува договорот за работниот документ да биде постигнат на следниот дијалог на 17 и 18 Септември или најмалку шест месеци пред изборите.

Нацрт документот ќе се фокусира на две главни теми: (прва) еднаков пристап до медиумите, медиумски плурализам, медиумска етика и стандарди и (второ) интегритет на изборниот процес.

Според документот, нацртот содржи серија сугестии и конкретни предлози за можни чекори напред, а под услов да има доволно политичка волја, договорот би можел да се постигне во рамките на Меѓупартискиот дијалог кој се води во српското собрание со посредство на ЕП.

Во писмото испратено до странките се прецизира дека претстојниот дијалог ќе се одржи во ист формат како и за време на состанокот во јули.

Писмото го потпишаа медијаторите Тања Фајон, Владимир Билчик и Ивица Дачиќ, а во дијалогот ќе учествуваат и поранешните пратеници во Европскиот парламент Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн.