ЕВРОПА ОКОВАНА ВО МРАЗ: Сообраќајот не функционира, откажани се летови, студениот бран пристигна и во регионот/ВИДЕО

664
screenshot X

Во неколку европски земји – Германија, Австрија, Италија и Велика Британија – големи количества снег предизвикаа колапс.

Обилните снежни врнежи ја погодија јужна Германија во петокот навечер и продолжија и вчера, предизвикувајќи големи нарушувања на аеродромот во Минхен, вториот најфреквентен центар во земјата. Во саботата откажани се околу 320 од 760 летови јави германската новинска агенција ДПА.

Екипите се обидоа да одржат барем една писта во функција и без снег.

Ситуацијата е критична низ Баварија каде наврна огромно количество снег. Минхен е парализиран, а транспортот е суспендиран. Во Улм и Минхен патниците мораа да преноќат во возови.

Хаос во Велика Британија

Сите летови беа откажани на аеродромот во Глазгов во Шкотска поради обилниот снег, со предупредувања за снег и мраз ширум Велика Британија.

Се очекува големиот студ да продолжи во Велика Британија, бидејќи температурите се спуштија под нулата во текот на ноќта, објави Скај њуз.

Како што се наведува, поради тешките временски услови можно е да има отежнат патен и железнички сообраќај, а откажани се и неколку спортски настани. Метеоролозите за денеска издадоа жолти предупредувања за северниот и југозападниот брег на Шкотска, како и за југозападниот и источниот брег на Англија.

Температурите се спуштија до 10 степени под нулата во делови од Шкотска во текот на ноќта.

Снег и пороен дожд во Италија

Нови временски неприлики зафатија повеќе региони во Италија, поморскиот сообраќај е прекинат во крајбрежните области и издадени се предупредувања за надојдените води на реката По, пишуваат медиумите.

Во Лигурија се забележани удари на ветер од 143 км/ч, додека во пристаништето Ливорно во Тоскана сите бродови се закотвени среде налетот на ветерот Либеџо, кој достигнал 50 јазли, а брановите надминале четири метри во висина.

Во регионот Марке интервенираа 300 противпожарни единици поради штети предизвикани од силниот ветер. Потребни се дополнителни 150 интервенции во областа околу Римини поради паднати дрвја.

Снегот ги покри регионите Тирол и Јужен Тирол и достигна 30 сантиметри на превојот Бренер, а на југот од регионот имаше дожд. Издадено е предупредување за надојдената река По, најголемата река во Италија, каде што регионот Емилија и дел од Ломбардија се особено загрозени.

До половина метар снег во Хрватска

Метеоролозите до крајот на денот најавија лапавица и снег за Хрватска, кој на планините може да падне и до половина метар.

Метеоролозите за Хрватска прогнозираат дека во западните делови од земјата ќе има снег и голем студ. Според нив, утре ќе биде постудено и сончево, со можност за врнежи од снег, додека во понеделник на 4 декември ќе биде значително постудено, посува и делумно сончево.