Евроамбасадорот на коленици – го чисти нашето ѓубре!

132

Амбасадорот на Европска Унија, Самуел Жбогар и самиот се вклучи во проектот  „Чисто, како дома исто“ за заштита на животната средина која ја промовира канцеларијата на ЕУ во Македонија. Со бела маичка на која е испишано логото на акцијата, со заштитна маска на лицето и ракавици тој собираше ѓубре по кејот на Вардар, а во еден момент, дури и клекна на коленици за да го исчисти ѓубрето од една од отворените шахти, без грижа дека ќе ги извалка пантолоните.

Евроамбасадорот Жбогар чистеше и наполни неколку кеси, кои потоа се обиде да ги фрли во еден од неколкуте преполни контејнери кои претходно, ЈП Комунална хигиена, која е задолжена за чистотата во метрополата, заборавила да ги испразни.

-Промените настануваат преку давање пример –  од страна на поединци или на општините, најави Жбогар на промоцијата на кампањата, а неговото учество во чистењето на Кејот треба да ја подигне еколошката свест кај граѓаните, но и кај  институциите. Сите на свој начин да се вклучат во чистење на околината, но и да внимаваат каде фрлаат отпадоци.

Минувачите беа одушевени кога го видоа амбасадорот без вратоврска и со црна вреќа полна со ѓубре во рацете, а некои зајадливо коментираа дека „Ни Жбогар не може да исчисти толку колку што ние можеме да извалкаме„.

Кампањата почна на крајот на мај и се однесува на граѓаните кои треба да се научат да водат грижа за животната средина онака како што се грижат за домот.

Во текот на кампањата, граѓаните имаат можност да се регистрираат како еко-активисти и да земат учество во акциите за чистење организирани во нивните градови. И активистите и општините ќе можат да учествуваат во предизвикот ‘пред и потоа’.