Три економски оператори  ЕВН, ЕСМ и грчката ЕДС се во трка за Универзален снабдувач на електрична енергија на регулираниот пазар. До објавениот рок на јавниот повик, кој беше објавен на 11 декември 2023 година, операторите понудија бруто маржи од 11,4% (ЕВН), 11,4% (ЕСМ) и 11,45% (ЕДС).

– Понуди испратија група понудувачи ЕВН Македонија електроснабдување ДООЕЛ Скопје – носител, и ЕВН Македонија АД Скопје – член на групата, ЕСМ продажба ДООЕЛ Скопје и Група понудувачи ЕДС АД Скопје, ПАН ИНТЕРТРЕЈД ДОО Скопје – информираа од владината прес служба.

Од Стручна комисија во Владата во саботата јавно ги отвори понудите.

– Според процедурата, после евалуацијата на економско-финансиската и на техничката способност на понудувачите, економските оператори чии понуди ги исполнуваат условите согласно критериумите наведени во тендерската документација ќе бидат поканети да учествуваат на негативно наддавање преку електронска аукција, при што како почетна вредност ќе се земе најниската од понудените маржи на економските оператори чии понуди ги исполнуваат условите согласно критериумите наведени во тендерската документација. Понудувачот кој на електронската аукција ќе понуди најниска маржа ќе биде поканет да го потпише Договорот за универзален снабдувач со електрична енергија – потенцираат од владината прес-служба.

Постапката треба да се заврши во рок од шест месеци од денот на објавувањето во „Службен весник“ на одлуката на Владата на Република Македонија за почнување на постапката за избор на универзален снабдувач на електрична енергија, која е објавена на 20. 10. 2023 година.

– Комисијата ќе настојува да ја заврши евалуацијата во текот на идната недела, по што ќе следи јавно наддавање кое би се случило до крајот на овој месец – стои во соопштението.

Вицепремиерот Фатмит Битиќи смета дека пониската маржа која влегува во конечната цена за крајните корисници би требало да ги намали цените и тоа е една од идеите.

– Ние правиме напори со сите инвестиции во обновливи извори и во трансформацијата кон „зелена енергија“, граѓаните да добијат што пониски цени на струјата како крајни корисници – истакна Битиќи.

На универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“, на 30 јуни 2024 година, му истекува петгодишниот договор за снабдување со електрична енергија на потрошувачите на регулираниот пазар. Поради тоа, Владата на 11 декември 2023 година објави јавен повик за избор на нов универзален снабдувач, што ќе треба во наредните пет години, почнувајќи од 1 јули 2024 година, да ги снабдува со струја потрошувачите на регулираниот пазар.

Предвидено е изборот да се изврши преку електронска аукција на која услов е да се понуди профитна маржа пониска од 11,5 отсто, колку што изнесува маржата на досегашниот универзален снабдувач „ЕВН Хоум“.