ЕБОР ќе ја интензивира поддршката за енергетиката, инфраструктурата и приватниот сектор

109

Договорот со Грција е исклучителен исчекор и одлична можност за посветување на останатите економски процеси и инвестициски можности важни за граѓаните на Северна Македонија и регионот, нотираше Чакрабарти на вчерашната средба со премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Драган Тевдовски

Договорот со Грција е исклучителен исчекор и одлична можност за посветување на останатите економски процеси и инвестициски можности важни за граѓаните на Северна Македонија и регионот. Ова го нотираше  претседателот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Сума Чакрабарти на вчерашната средба со премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Драган Тевдовски.

Чакрабарти на средбата високо ги оцени и досегашните политики на Владата за преземените реформи.

ЕБОР и понатаму останува посветена на продолжување и интензивирање на можностите за соработка со македонската Влада во областа на енергетиката, производството на електрична енергија од обновливи извори и процесот на гасификацијата, како и за развој на патната и железничка инфраструктурата, за поддршка на приватниот сектор и за подобрување на услугите на локално ниво.

Премиерот Заев се заблагодари за континуираната поддршка на ЕБОР, нагласувајќи дека Владата останува посветена на политичкиот дијалог со опозицијата и одличната соработка со соседите, со единствена цел да ги оствари евроатлантските интеграции, што ќе доведе до стабилност, подобрување на условите за работа на домашните компании и привлекување странски инвестиции.

Во рамките на посетата на Владата, Чакрабарти оствари средба и со вицепремиерот Кочо Анѓушев на која стана збор за динамиката на остварување на стратешките капитални проекти во енергетиката, патната и железничката инфраструктура. Анѓушев истакна дека заедничката соработка во дел од клучните проекти значи дека ЕБОР е наш партнер и препознава дека во фокусот се потребите на нашите граѓани за подобри патишта, железници, гасовод, проекти значајни и за развојот на економијата и за конкурентно стопанство.

Чакрабарти е во посета на земјава во рамки на регионалната посета на Западен Балкан, пред Годишното собрание на ЕБОР што ќе се одржи од 7 до 9 мај во Сараево.

Делегацијата на Банката на средбата упати и честитки по повод изборот на новиот претседател на државата, Стево Пендаровски, оценувајќи ја позитивно можноста граѓаните демократски да ја изразат својата волја.