Директорката на ДСЗИ, д-р Ирина Сотирова- Бухова, за весникот ВЕЧЕР вели дека за време на надзорот инспекторите во Клиничката болница во Тетово не затекнале членови од семејствата на позитивните лица кои биле хоспитализирани. Пулмологот д-р Злате Мехмедовиќ предлага додека трае истрагата модуларните болници привремено да се затворат. Директорката на Инфективната болница во Скопје, во чиј состав е и модуларната болница, д-р Милена Стевановиќ, деновиве посочи дека токму во овие болници илјадници пациенти се лекувани и голем број животи се спасени.

 

Во јавноста сè уште се шират информации дека членови од семејствата на позитивните лица кои се лекуваат во овид-центрите низ земјава се присутни во овие објекти, како испомош на медицинскиот персонал. На социјалните мрежи се постираат фотографии каде што се гледа дека покрај болното лице без никаква заштита и почитување на протоколите има некој од нивното семејство. Токму поради овие сознанија Инспекторите на Државниот здравствен и санитарен инспекторат изминатиот викенд по допрен глас направија вонреден инспекциски надзор во ковид-центарот при Клиничката болница во Тетово. Како што велат од инспекторатот во тој момент немало придружници ниту посета на пациентите.
Директорката на ДСЗИ, д-р Ирина Сотирова- Бухова, за весникот ВЕЧЕР вели дека за време на надзорот инспекторите не затекнале членови од семејствата на позитивните лица кои биле хоспитализирани

-ДСЗИ ќе продолжи со вонредни надзори и врз оваа болница, но и врз сите останати ковид-центри, секогаш кога ќе добие пријава или по допрен глас, но не можеме да постапиме по слика од ФБ или по изјава, оти законот е изречит и вели дека инспекторите на ДСЗИ можат да постапуваат по затекната состојба во моментот кога се на терен. Во направената контрола во Тетовската болница немало затекнато лица од семејството ниту како посета, ниту како нивна придружба. Апелирам до граѓаните кои имаат член од семејството што е позитивен и се лекува болнички да ги почитуваат протоколите, да не одат во посета за да не ја шират заразата – вели доктор Сотирова – Бухова.

Таа, исто така, апелира до медицинскиот персонал да внимава дека секое прекршување на протоколот може да има големи последици во однос на ширење на инфекцијата.

-Треба да се подигне свеста, едукација и превенција од вакви појави, да не се влегува во ковид-центрите, оти има можност да се инфицираат тие лица и да ја шири заразата – апелира Сотирова- Бухова и појаснува дека ДСЗИ врши инспекција во сите болници, но инспекторите не можат да бидат 24 часа во болниците, оти има само 40 инспектори кои изготвуваат решенија на позитивните и нивните контакти, но вршат вонреден инспекциски надзор покрај во болниците, ковид-центрите и во училиштата и градинките.

-И да имаме 140 инспектори нема да постигнеме да бидеме 24 часа на терен – вели д-р Сотирова- Бухова и апелира на свеста на граѓаните и нивната одговорност.

Пациентите со ковид-19 се плашат да се хоспитализираат во модуларни, д-р Мехмедовиќ предлага додека трае истрагата тие привремено да се затворат

Новозаразените со коронавирусот во Македонија се плашта, но и одбиваат да се хоспитализираат во модуларните болници низ земјава, како во Гостивар, Струга, Струмица, Кичево, Прилеп… и други градови бидејќи вакви центри има 19 на број. Причина за тоа е што е изгубена довербата кај пациентите, по трагедијата во која изгоре модуларната болница во Тетово и животот го изгубија 14 лица, а 12 беа спасени и префрлени да продолжат со лекувањето во клиничката болница во Тетово. Д-р Злате Мехмедовиќ смета дека додека се води истрагата и се бара причината поради што изгоре болницата, најбезбедно е модуларните болници привремено да се затворат.

-Модуларните болници се значаен капацитет, доколку ги нема нив ќе биде тешко да се даде квалитетна здравствена заштита. Доколку не се расчисти прашањето за безбедноста на тие болници ќе биде тешко да се убедат граѓаните дали тие се безбедни. Начинот на кој се врши истрагата дава надеж. Најбезбедно и најчесно е за да се премине ова е тие болници да се затворат привремено, а откако ќе се утврди дека се безбедни, повторно да се вратат во употреба. Не треба да бараме поинаков пристап, не постои начин за земја што нема доволно финансиски средства да обезбеди квалитетна здравствена заштита во соодветни здравствени установи. Тоа ѝ се случи и на Кина. Факторот време е многу битен. Модуларните болници треба да издржат пожар од 30 минути до 4 часа“ – објасни д-р Мехмедовиќ.

Во модуларните болници се лекувани над илјада пациенти и спасени голем број животи

Директорката на Инфективната болница во Скопје, во чиј состав е и модуларна болница, д-р Милена Стевановиќ, деновиве посочи дека токму во овие болници илјадници пациенти се лекувани и се спасени голем број животи. Таа смета дека болниците се безбедни, бидејќи имаат свој технички прием и градежни документи без никаква замерка.

-Модуларната болница има капацитет за 70 легла и е припиена кон Клиниката за инфективни болести. Да ве потсетам, илјадници пациенти беа спасени од тешка клиничка слика од ковид, од средно тешка клиничка слика на ковид и ние не можеме да кажеме дека модуларната болница не е начин за едно квалитетно згрижување и третирање и нега на пациентите, смета Стевановиќ.

Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска веднаш по несреќата издаде наредба до Бирото за јавни набавки за да ја добие целокупната документација за 19. изградени монтажни болници во земјава. Како што кажа Русковска најмногу што ја интересира е каква е електричната инсталација и противпожарната заштита во модуларните болници за кои веќе се води детална истрага. За денеска се најавени дека во земјава ќе пристигнат германски експерти по форензика кои треба да помогнат во истрагата и да утврдат зошто за толку кратко време изгоре модуларниот ковид-центар во Тетово.

(В.Ма.)