Да уживаме во вкусот на домашното лепче, во етно куќите, во македонска песна, во стари македонски јадења, не е се во морето, школките и тие егзотични плажи, вели фолк ѕвездата

Ова лето кое поминува, за жал во знакот на коронавирусот, донесе и многу промени во нашите навики, во нашето секојдневие. Но, најважно е да не паѓаме во очајот и да си го сочуваме здравјето. Каде ако не на село, на чистиот воздух, таму од кај што на скоро секој од нас ни се корените, почнувајќи се разбира од нашите пра-прабаби и пра-прадедовци. Токму така ова лето на село барем на неколку дена е и нашиот популарен фолк пејач Душко Дуле Георгиевски.

-Кога сакаме да се навратиме на традицијата и да уживаме во вкусот на домашното лепче и к’цаната сол, патот води во етно куќата “Шанчева” во Кратово. Најмногу му благодарам за прекрасниот престој на Стевче Доневски, вели Дуле.

А, дека токму тука се си е на свое место, нашиот Дуле објаснува и со песната која се разлеа низ зелените ливади и шуми, особено онаа која од репертоарот на пејачот најмногу ја пеат неговите обожаватели, победничката од “Валандово фолк-фест“, хитот “Свири ми виолино“.

Но Дуле не само што запеа, тој машки се фати и за физичка работа, па доби многубројни коментари на кои вели да не му се секираме бидејќи здрава физичка кондиција ја има стекнато уште од поранешната војска. Д.М.