Предлог-законот за Јавно обвинителство и измените на Законот за Советот на јавни обвинители го одложија распуштањето на Парламентот кое беше закажано за 12 февруари. Така барем се чини според расправите кои експресно завршуваа во сите матични собраниски комисии. За двата закона, што се носат по кратка постапка, до попладнево требаше да се изјасни и собраниската Законодавно правна комисија за потоа, законот да биде ставен на гласање на пленарна седница. Седницата за распуштање на Парламентот сеуште не е закажана, неофицијално, од причина што сè уште не беше обезбедено мнозинство од 80 пратеници, колку што е потребно за да помине законот.
Сепак, овие неофицијални тврдења ги демантираше пратеникот од ДУИ Артан Груби, кој по седницата на Комисијата за европски прашања со која претседава, изјави дека е обезбедено двотретинско мнозинство и дека двата закона веќе се проследени на пленарна седница. Тоа, како што рече, го констатирал со оглед на тоа како се одвивала дебатата на Комисијата за европски прашања и со оглед на тоа какво е расположението кај пратениците.
-Двата закони се во рацете на претседателот на Собранието Талат Џафери, кој откако ќе потврди дека имаме двотретинско мнозинство кое јас верувам дека веќе го имаме ќе ја свика пленарната седница за да се изгласаат, рече Груби. Апсолутно, сите барања на ДУИ и на заедницата, како што дополни, се инкорпорирани во двата закона.
-Успеавме да воведеме Бадентер во изборот на сите јавни обвинители во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, успеавме да ја вметнеме и целосната еднаква службена употреба на албанскиот јазик во Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители, согласно со одлуките пропишани во Законот за употреба на јазиците, како и намалување на критериумите за избор на јавни обвинители при што ќе се обезбеди правична застапеност и на Албанците и на другите етнички заедници во Јавното обвинителство, рече Груби.
Груби изрази надеж дека ќе има и друга пленарна седница и оти ќе се усвојат и останатите закони што сега се во процедура, потенцирајќи дека граѓаните очекуваат тие да бидат донесени од овој парламентарен состав.
– Овие две точки на дневен ред заедно со уште неколку кои преостануваат во овој мандат за во март, најдоцна во мај да добиеме заслужен датум за почнување преговори за членство во ЕУ, изјави Груби.
На текстот на законот за ЈО имаше само еден амандман поднесен од пратеникот Сурија Рушиди, кој министерката за правда Рената Дескоска не го прифати и не беше усвоен од мнозинството во Комисијата.
Како што објасни претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби, пратеникот Панчо Минов иако најавил, не поднел комисиски амандман на законот за ЈО.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пак побара претседателот на Собранието Талат Џафери да закаже пленарна седница, со, како што изјави координаторот Никола Мицевски, една и единствена точка на дневен ред – распуштање на Собранието, согласно договорот кој беше постигнат од политичките партии за одржување предвремени парламентарни избори на 12 април оваа година.
– Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ веќе поднесе Предлог на Одлука за распуштање на Собранието на Република Македонија на 5 февруари и бараме истата денес да биде ставена на одлучување пред пратениците. Одлуката беше поднесена поради сè поочигледните обиди на СДСМ да проба да избега од договорените избори иако сите услови за одржување на предвремени парламентарни избори се исполнети. Од друга страна, сведоци сме на обиди од страна на СДСМ и Зоран Заев да поставуваат некакви нови услови кои не се воопшто поврзани со одржувањето на изборите, изјави во Собранието координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Сакаме да го потсетиме господинот Талат Џафери, дополни Мицевски, дека токму тој кажа дека Собранието мора да се распушти на 12 февруари со што би се испочитувале роковите предвидени со законот и Уставот.
– Џафери беше дециден во своите изјави и напомена дека дури ако треба тој како пратеник ќе поднесе предлог за распуштање на 12 февруари. Еве денес, на 12 февруари единствено што бараме е да остане доследен на своите изјави, да закаже седница на Собранието да ја ставиме предлог-одлуката за распуштање која ја поднесовме. Во спротивност ќе ѝ биде јасно на целокупната македонска јавност дека ова парламентарно мнозинство манипулира со граѓаните и дека се обидува да избега од договорот кој беше постигнат од политичките партии, наведе Мицевски.
Милошоски со „бомба“ во Собрание
Пратеникот Антонијо Милошоски пред пратениците во Комисијата за европски прашања пушти аудиозапис, во кој, според него, се слуша гласот на лицето З.З. (алудирајќи на експремиерот Зоран Заев) како наводно разговара со друго лице за обвинетиот за случајот „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13.
– Овој транскрипт фрла мала светлина зошто некој не сака нелегално снимени разговори да бидат доказ во судски постапки, рече Милошоски пред пратениците, објави А1.он.
Пратеникот го прочита транскриптот, бидејќи звукот во аудиоснимката едвај се слушаше и беше речиси невозможно да се разбере. З.З., според Милошоски, на друго лице чиј идентитет не беше кажан, наводно му се обраќа со следниве зборови, а во врска со обвинетиот за „Рекет“, Бојан Јовановски: „Му требаат пари за телевизијата и прави комбинации. Го прашав од каде парите за телевизија. Тој ми рече од Хрватска, но главно од Циле, Силјан Мицевски, од тоа проектот за старечките домови, рече Милошоски читајќи го транскриптот од снимката. Пратеникот Милошоски рече дека оваа снимка е од „свиркач“ и сакал да ја сподели со јавноста бидејќи содржела индиции за вмешаност во криминал.
Според Милошоски со членот 110 се правело скриена амнестија. Министерката за правда Рената Дескоска го повика Јавното обвинителство ако има случај да реагира. „Ако се толку уверени во своите лаги, итно нека поднесат сè што имаат како материјали до институциите, па низ јавни и отворени постапки да ги видиме наводните докази“, наведуваат од СДСМ.