ДУИ бара корекција на изборните граници, Заев вели прво попис, Мицкоски да се почитуваат ОБСЕ ОДИХР

215

Министерството за правда и Парламентот се известени од Државната изборна комисија, но партиите молчат дали изборите ќе бидат законски ако не се поправат отстапките во бројот на гласачи во 4 од 6 изборни единици.

ДИК по последното пребројување информирале дека шестата изборна единица нараснала за 8, 6 проценти или 3,6 отсто од дозволената отстапка, а третата се смалила за 7,64 отсто, додека четворка е со 6,36 проценти помалку од предвидениот број гласачи.

ДУИ инсистира на промени во изборниот законик во делот на границите на изборните единици. Од оваа партија велат дека постои голема несразмерност од една до друга изборна единица и затоа најавуваат преку амандмани да интервенираат во законот. Бујар Османи вели дека и покрај краткиот рок изборните единици можат да бидат избалансирани, бидејќи, како што оценува тоа е прашање кое е исклучително важно и дека од него зависи законитоста на изборниот процес.

– Отстапувањето од законските 5 проценти во четири изборни единици го прави изборниот процес незаконски. Тие се препораки на ОБСЕ ОДИХР, тие се важни за изборите, тие се исто така важни за оценката на изборите од страна на меѓународната заедница. Но свесно да го кршиме законот и да одиме во нелегален процес, мислам дека ризикуваме многу аспекти. Ризикуваме дека некој ќе ја оспори на Уставен законитоста на изборниот процес – рече Османи. „Разликата меѓу шестата изборна единица и третата изборна единица е околу 40.000 гласачи, со што ги прави гласачите нерамноправни, односно нивниот глас при нивниот избор нема иста тежина. И ова е причината и точно е дека ДУИ го кочи во моментот во Собранието Изборниот законик затоа што не сакаме да ја преземеме одговорноста за незаконитост на изборниот процес“ – вели  Османи.

Лидерот на СДСМ  вели дека е опасно да се прекројуваат изборните граници без спроведен попис на населението.

– Податоците што ги имаме се од пописот 2002 година и ако нешто тргнете да менувате, сите заедно, макар и да е со консензус мора да има соодветна база и аргументација. Кој податок да го земеме? После миграциите од 2002 до денеска, еве 18 години можеме да направиме непоправлива штета – рече Заев.

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ вели дека веќе разговарале со СДСМ за изборниот законик и дека е договорено да се применат препораките од ОБСЕ ОДИХР.

-Апелирам до сите политички партии да го напуштат оној дневно политички театар кој што го прават, едноставно да покажат зрелост да влезат во парламентот и тоа што е препорака на ОБСЕ ОДИХР за да имаме колку толку кредибилен изборен процес да го поддржат – рече Мицкоски.

Од ДИК велат дека и досега се одржувале избори без да се интервенира во овој дел и смета дека нема никаква пречка и сега со вакви изборни единици да се одржат предвремените парламентарни избори.

Измените на Изборниот законик се заглавени во работната група во Министерството за правда и досега нема најави дали ќе бидат испратени до Собранието за тие да бидат донесени пред неговото распуштање.

Османи потврдува дека пред неколку дена претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, испратил писмо до Министерството за правда, укажувајќи дека првпат во четири изборни единици има девијација од над 5 проценти, што е надвор од законските ограничувања.

ДУИ, исто така, во парламентот ги блокира другите два предлога за измена на Изборниот законик, со кои се предвидува воведување една изборна единица за парламентарни избори и отворени листи за советници на локални избори.