„Take my job away“ е нов спот на Дубиоза колектив кој премиерно е прокажан на нивниот Јутјуб канал. Во спотот и песната во улога на вокал се појавува робот Robby Megabyte – хуманоиден естраден асистент, прво напредно решение од подрачјето на естрадната роботика. Спотот го режирал Салем Капиќ – Кантарџиќ во продукција на агенцијата Фабрика.

Роботoт Robby Megabyte

Песната во која роботот е гостин зборува за проблемите од недостаток на работна сила во нашите простори предизвикани од неконтролираната миграција кон запад, можните излегувања од криза со помош на роботика, автоматизација и вештачка интелигенција, но и за опасностите и замките од таквите технолошки решенија.

Од спотот за новата песна

„Поради хроничен недостаток од естрадни уметници предизвикан од масовен одлив на мозоци на тезги и во земјите во западна Европа, бевме принудени по повод барање на нови музичари да посегнеме по новата технологија. Со спојување на напредни решенија од областа на роботика и вештачка, уметничка интелигенција креиравме робот и со негова помош ќе се обидеме да го надоместиме недостатокот од естрадна работна сили.

Последните неколку месеци интензивно работиме на новата песна со Robby Megabyte, хуманоиден роботски асистент, кој е развиен во Франција, а составен во Босна со помош на двајца последни студенти на електротехника кои не емигрираа. Тој ги поседува сите потребни ЕУ сертификати, ги има поминато сите сериозни и безбедносни проверки од страна на Државната агенција за напредни технологии при Министерството за цивилни работи на министрите на БиХ.

„Засега многу сме задоволни од резултатите и планираме во иднина да го ангажираме како полноправен член на бендот. Целта ни е со време да ги смениме сите членови на бендот со роботи“ – порачаа членовите на Дубиоза.

Оваа песна го најавува деветтиот студиски албум на Дубиоза колектив кој го носи насловот „Fakenews“. Песните на овој албум се на англиски, шпански и на француски јазик. А како што беше случајот за нивниот претходен албум така и сега албумот може бесплатно да се преземе на нивната официјална страница.