Песната „Кафана“ настана за време на најстрогиот локдаун, кога поради објективни околности не можевме да седнеме на шанковите во нашите омилени угостителски објекти. Тоа е болка и фрустрација

Познатиот бенд „Дубиоза колектив“ излезе од пандемијата, барем што се однесува на нивното музичко немирување. Имаат нов спот за новата песна насловена како „Кафана“. Ова е инаку првата песна и од претстојниот албум, кој се очекува да излезе на почетокот на следната година.

– За време на пандемијата скоро да полудевме, па имавме хорор ситуации. Затоа е ова првото хорор видео после корона-кризата. Приказната е сместена во типична локална кафана каде искусна екипа подготвена го очекува почетокот на зомби-апокалипсата. Песната „Кафана“ настана за време на најстрогиот локдаун, кога поради објективни околности не можевме да седнеме на шанковите во нашите омилени угостителски објекти. Болката и фрустрацијата предизвикана од овој недостаток ја претворивме во емоционална моќ, во балада која испраќа силна порака за тоа колку кафаната, како основна алка на човечкото општество, ни недостасуваше за време на пандемијата, велат овие специфични музичари, членовите на бендот.

Тие ја објаснија причината поради која одлучиле да снимаат ваков тип на спот.
„За да го илустрираме ова застрашувачко искуство, единственото соодветно решение беше жанрот на хорор филмови, па дури и таквото застрашувачко сценарио не му е ни до колена на вистинскиот хорор што го почувствувавме“. Видеото го режираше Ирфан Авдиќ, а Мирослав Лакобрија беше задолжен за застрашувачки убедливите зомби маски. Покрај членовите на бендот, во главните улоги се појавуваат и Марио Дрмаш, Едис Билиќ, Марко Шелиќ-Марчело, Алмир Курт Кугла и Мона Муратовиќ.