Пишува доктор Амир Кан, лекар во британската државна здравствена служба (NHS) и предавач на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Лидс и Универзитетот во Брадфорд

Според студија на истражувачи од Универзитетот во Квинсленд и Грифит во Австралија, вакцина која се аплицира преку фластер на кожата може да понуди подобра заштита од Ковид-19 отколку вакцините со игла.

Фластерот широк еден сантиметар содржи 5.000 пластични шилци долги четвртина милиметар. Секој е обложен со сува верзија на вакцината. За разлика од течноста која се дава преку игла, сувата верзија не треба да се чува на ниски температури.

Истражувачите тестирале фластер со кандидат за вакцина наречена НексаПро (HexaPro), развиена од научници од Универзитетот Тексас од Остин. Оваа вакцина сè уште е во клиничко тестирање, но досега се покажа дека е поотпорна на топлина отколку течните. Чувана на температура од 25 степени Целзиусови, оваа вакцина останала стабилна најмалку еден месец, а на температура од 40 степени, една недела. Тоа значи дека не мора да се чува на ладно место. Исто така е поевтина за производство од постојните одобрени вакцини.

Според истражувачите, вакцините аплицираи преку фластер создале подобар имунолошки одговор поради големата густина на имунолошките клетки на површината на кожата. Глувците на кои им биле ставени фластери развиле повеќе антитела од оние на кои им била дадена течната вакцина, а ниту еден не покажал знаци на болест.

Други предности на овој начин на давање на вакцината се полесното ракување, што вклучува можност човекот сам да си ја стави, дури и оние без никакво познавање на медицината. За разлика од вакцините на Фајзер и Астра Зенека, вакцините со фластер не мора да се мешаат или составуваат, а фактот што може да се чуваат на собна температура значи полесен транспорт. Истражувачите исто така тврдат дека се безболни.

НексаПро не е единствената вакцина што се развива за ваков тип на употреба. Британската компанија „Emergex“ направи фластер за кој вели дека нуди подолготраен имунитет од обичната вакцина. Според Робин Коен, еден од функционерите на Emergex, нивната вакцина со кожни фластери предизвикува високи нивоа на имунолошки Т-клетки, кои се важни за долготрајниот имунитет и спречување на пренос на болеста.

Се очекува вакцините Emergex да се даваат преку микроигли, а се наведува дека на собна температура може да се чуваат повеќе од три месеци, што значи дека би можеле брзо и ефикасно да се транспортираат низ светот. Компанијата наскоро треба да започне со тестирање на 13 волонтери во Швајцарија.

Доколку се даде зелено светло за употреба на овие вакцини, тие ќе им понудат олеснување на оние кои се плашат од игли поради што досега не ги примале вакцините на конвенционален начин.

Ал Џезира