Друже Јани, ти си наше светло на крајот од индустрискиот оџак!

59

„Друже Јани, ти си наше светло на крајот од индустрискиот оџак!“. Со овие зборови Движењето за чист воздух писмено му се обрати на заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули по неговата изјава дека сензорите од Али експрес предизвикувале паника и дека Скопје не било толку загадено.

– Али Експрес е фирма ќерка на Али Баба. Бидејќи милувате да ги користите овие две компании, ве молиме во своите изјави, во интерес на граѓаните кои сакаат да дишат чист воздух да ги наведете останатите 40 разбојници на Али Баба кои во континуитет нè трујат и се најодговорни за доведувањето на нашите животи во опасност. Како наш придонес, со цел да се разреши проблемот, ние ќе ви помогнеме за идентификација на првите три разбојници: Цементарница, Железара и Дрисла. Се надеваме дека овие три доволно ќе ве инспирираат да ја надополните листата со преостанатите. Доколку се двоумите или немате идеја кои се тие, обратете се до нас – „Движењето за чист воздух“. Ние ќе ви помогнеме да ги идентификувате и лоцирате како главни помошници на Али Баба – се вели во писмото до Макрадули.

– Друже Јани, ти си бесценет ко концесија за мала хидроцентрала, сјај во очите на генерален директор, борец против ќумбињата, цар на сите стратегии! Кога го слушаме твојот милозвучен говор се потсетуваме кога нашите предци ги водеа овците на испаша. Ти си сон за секоја партија пред избори и ќе ургираме сите, пак да те стават како носител на листа. И те молиме многу поздрави ни ги другарчињата од Царина, Дрисла, Те-То, Цементара и ИнспектораТ… со кои заедно сте нашиот дрим тим од сеништата – се вели во писмото на Движењето за чист воздух.

Инаку, на airvisual.com, може да се следи состојбата со загадувањето од час во час. Имајќи го предвид Балканот, ситуацијата е алармантна во нашиот главен град. Скопје во моментов го зазема 26. место на најзагадени главни градови во светот. Со денови е на врвот на листата на градови со најнеквалитетен воздух е главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево. Пред четири дена Сараево беше најзагадениот град на планетата со индекс на загадување дури 597.

Ситуацијата не е многу подобра и кога станува збор за другите градови од поранешна Југославија.

Овој факт влијаеше многу активисти и обични граѓани да реагираат, па дури и шведската амбасада во Босна се појави на Твитер, наведувајќи дека Сараево се наоѓа во сопствена категорија на загадување. Амбасадата повика на итна акција.

Словенија и Црна Гора се речиси целосно во зелената зона така што Љубљана и Подгорица не се на списокот.